Градоначалникот на Портланд, демократот Тед Вилер, апелираше до демонстрантите да не бидат насилни, а тоа обраќање го искоментира и претседателот Трамп на Твитер.
Тој Вилер го нарече „будала“ и го обвини за „смртта и уништувањето“ во Портланд, каде протестите против расизмот и полициската бруталност траат откако на 25 мај, за време на полициско приведување, беше убиен Џорџ Флојд.
Трамп го критикуваше Вилер, бидејќи одби да ја повика на помош Националната гарда. Истовремено, Трамп го обвини Вилер, но и сите градоначалници од Демократската партија, дека се попустливи кон насилството.
„За помалку од еден час нашата Национална гарда ќе ги решеше тие проблеми“, напиша Трамп на Твитер.
Вилер му одговори на американскиот претседател на конференција за медиумите.
„Се обидовте да нѐ поделите повеќе од кој било друг во модерната историја и сега сакате јас да го спречам насилството кое вие го предизвикавте. На Америка ѝ е потребно вие да бидете сопрен и тогаш да можеме ние да се обединиме“, кажа градоначалникот на Портланд.
Кога минатата недела ја прифати номинацијата на Републиканската партија за претседател, Трамп го претстави Портланд како пример за немирите кои ќе ѝ се случат на Америка ако победи неговиот противник Џо Бајден.
Бајден, од друга страна, тврди дека насилството му оди од рака на Трамп и дека тој го поттикнува.
Во саботата во Портланд пристигнаа поддржувачи на Трамп за да одржат свој митинг и се судрија со активистите кои протестираат против расизмот. Во судирите беше убиено едно лице.