Авганистан почнува да чувствува вистински страв од гладот, пишува дописникот на Би-би-си. Неколку области пријавуваат суша, што придонесува кон чувството на растечка катастрофа. Во Мајдан Вардак, 80 километри западно од Кабул, неколку стотици луѓе се собраа во надеж дека ќе добијат брашно од официјалното дистрибутивно место.
Брашното го обезбеди Светската програма за храна.
„Речиси 23 милиони луѓе маршираат кон гладот. 8,7 милиони веќе се гладни. 95 отсто луѓе немаат доволно храна. Ова не е криза, ова е катастрофа. Спремни сме да ги храниме овие луѓе, да спасиме животи, но потребни ни се пари. Потребна ни е поддршка“, рече Дејвид Бизли.
Пред талибанците во август да ја преземат власта во Авганистан, постоеше уверување дека владата на претседателот Ашраф Гани ќе може да се справи со заканата од жестока зима, со помош на меѓународната заедница. Таа помош исчезна кога падна владата. Ова сега е најлошата хуманитарна криза во светот. Но не е единствена.
Бројот на луѓето на работ на гладот во 43 земји достигна 45 милиони. Судирите, политичките промени и ковид-19 го зголемија бројот на гладните. Југот на Мадагаскар е погоден од катастрофална суша. Тежок глад погаѓа 1,3 милиони луѓе. Доцнењето на монсунските дождови најавува уште една лоша жетва.
„Ова е тоа што го јадеме, само тоа го јадат сите во селото зашто поминаа пет години без дожд. Тие што имаа стада стока повеќе ги немаат зашто ги продадоа. Погледнете ги нашите посеви, веќе ништо не расте. Само песок и ветер“, вели една жителка на Мадагаскар.
Цените на горивата растат, цените на прехранбените производи скокнаа до небото, ѓубривата се сѐ поскапи, сите овие фактори водат кон нова криза на глад, која се поврзува со хроничните места на страдања, како што е таа во Јемен и во Сирија.
На црната листа на гладот се приклучи и Јужен Судан, заробен во хронична војна. Поради конфликтот, раселени се десетици илјади луѓе на кои сега им се заканува глад.
„Таквиот вид судири се варварски. Обединетите нации и владата би требало да се здружат и да ѝ донесат мир на Тамбура, за да можеме да ги стигнеме другите окрузи во Јужен Судан“, вели еден директор на училиште.
Во Сирија 12,4 милиони луѓе не знаат како ќе го обезбедат следниот оброк и оваа несигурност за храна е најголема од почетокот на војната пред десет години во таа земја.
За да се спречи гладот во светот, итно се потребни седум милијарди долари, што е за 6,6 милијарди повеќе отколку што се сметаше во почетокот на годината.
Меѓутоа, традиционалните механизми на финансирање се преоптоварени, предупредуваат ОН.