Почна најголемата воена вежба на САД и Израел

Во вежбата учествуваат 100 американски авиони, бомбардери и авиони за полнење гориво, заедно со 42 израелски.

Фото: ЕПА

Соединетите Американски Држави и Израел ја почнаа својата досега најголема заедничка воена вежба, испраќајќи јасен сигнал до Иран и нагласувајќи ја силата на нивниот сојуз и покрај составот на новата израелска влада, која вклучува партии на ултранационалисти и ултраортодоксни Евреи.

Во вежбата учествуваат 100 американски авиони, бомбардери и авиони за полнење гориво, заедно со 42 израелски. Учествува и носачот на авиони Х.В. Буш, а вежбата ќе ги опфати сите домени на војување и вселенска и електронска војна.

Неименуван претставник на американската одбрана изјави дека немало вежба како оваа што почна денеска, во која учествуваат 6.500 американски и 1.100 израелски воен персонал.

Вежбата се одржа и покрај загриженоста за составот на новата израелска влада предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Тој за министри назначи луѓе што се сметаат за екстремни националисти, вклучувајќи го и лидерот на партијата Еврејска моќ и партијата Ноам, која се противи на правата на ЛГБТК.

Вежбата се организира во време кога тензиите меѓу САД и Иран остануваат високи.

Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден воведе санкции кон Техеран по бруталното задушување на протестите во таа земја.

Преговорите за обновување на нуклеарниот договор на големите сили со Иран сега се во застој.

Нетанјаху постојано зазема цврст став кон Иран и откако положи заклетва на крајот на декември, објави дека неговата влада ќе го спречи обидот на Иран да стекне нуклеарно оружје.

Во неделата, тој рече дека САД и Израел ќе одржат состаноци за Иран во наредните недели по неодамнешната посета на американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан.

Заедничката воена вежба означува големо зголемување на американско-израелската воена соработка.

Неименуваниот функционер оценил дека вежбата почнала брзо и дека ваквите вежби во кои учествуваат толку различни родови треба да се планираат повеќе од една година, а оваа е подготвена за два месеци.

Планирањето почна додека на власт беше владата на претходникот на Нетанјаху, Јаир Лапид, и е завршена откако Нетанјаху стана премиер.

Вежбата е предводена од Централната команда на САД. Израел е под нејзина одговорност од 2021 година.

И покрај нормализацијата на односите меѓу Израел и земјите од Персискиот залив, ниту една од нив не учествува на вежбата, но ќе бидат информирани кога ќе биде завршена.

„Овие вежби ја развиваат компатибилноста на воените сили, ја зголемуваат воената способност и се важни за безбедноста и стабилноста на регионот“, рече командантот на Централната команда, генералот Мајкл Ерик Курила, и оцени дека научените лекции може да се пренесат на американските партнери во целиот регион.

Претходната заедничка вежба се одржа кон крајот на ноември, а израелската војска ја опиша како симулација на оперативно сценарио со долг дострел и летови на далечина, вклучително и напади против далечни земји, што се смета за алузија на Иран.

Американскиот функционер нагласи дека целта на оваа нова вежба не е да се симулира напад врз иранските нуклеарни постројки, но изрази уверување дека Иран ќе ја следи.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе