Иако вакцинацијата почнувала во 9, граѓаните на локацијата почнале да се појавуваат уште околу 7 часот за што побрзо да ја добијат својата доза вакцина. До 9 часот се создал ред долг повеќе стотици метри, јавува Индекс. Најголемиот проблем е што многумина дошле пред закажаниот термин.
„Настана хаос. Сосема е неорганизирано. Закажан сум за 9, но кога ја гледам оваа брзина, очигледно ќе чекам со часови. Луѓето кои дојдоа порано направија хаос. Дојдов пред 9 и веќе имаше ред. Мислам дека ќе има и проблеми со паркингот. Има доста постари луѓе дојдени со автомобили. Имам дома двајца стари родители со над 90 години. Една година избегнувам нормален живот за да не ги заразам. Затоа решив да се вакцинирам“, кажа еден жител на Загреб за Индекс.
„Организацијата е нула. Подобро да се одеше преку здравствените домови, тогаш немаше да има ваков хаос. Наместо да се прима по термини, се прима кој како застанал во ред. Не ми се допаѓа оваа организација“, кажа една загрепчанка.
Еден човек кажал дека не му е проблем да чека ако треба и пет часа, само да добие вакцина. А сеедно му е која вакцина ќе ја добие. „Ништо не е тоа ако чекаш два часа за вакцина. Важно да се вакцинираме. Така ќе бидеме безбедни, верувам дека секоја вакцина е добра“, кажал тој.
Еден постар брачен пар кажал дека е непријатно изненаден од информациите кои ги добиле додека чекале во редот за вакцина.
„Нашата лекарка ни кажа дека денес ќе ја добиеме вакцината на Фајзер. Вчера му се јавив на институтот за јавно здравје и тие ми кажаа дека денес се дава Фајзер, а сега од луѓето слушаме дека се дава само Астра Зенека. Да сакавме Астра Зенека, досега веќе ќе се вакциниравме“, кажале тие.
На прашањето дали ќе се вакцинираат ако навистина им дада од вакцината на Астра Зенека, кажале: „А што ќе правиме сега? Чекаме од 8:30. Ќе се вакцинираме“.