Гинсбург, голем борец за правата на жените и икона на американските либерали, почина од рак на панкреас во својот дом во Вашингтон, опкружена со семејството.
Нејзиното заминување може дополнително да ја промени идеолошката рамнотежа на судот, во кој во моментов седат пет конзервативни и четворица либерални судии, со што таа институцијата би можела дополнително да сврти надесно.
„Ние во Врховниот суд загубивме почитувана колешка. Денес жалиме, но со сигурност дека идните генерации ќе ја паметат Рут Бејдер Гинсбург како и ние - како неуморна и решителна шампионка на правдата“, рече челникот на судот Џон Робертс, кој бил назначен од Џорџ Буш помладиот.
За време на својот мандат, Трамп назначи двајца конзервативни судии - Нил Горсач во 2017 година и Брет Кавано во 2018 година.
Кандидатите за оваа институција ги номинира претседателот, а потоа мора да бидат потврдени во Сенатот, каде мнозинството во моментот го имаат републиканците.
Од номинацијата на Горсач од страна на Трамп до потврдата во Сенатот во 2017 година поминале 67 дена, додека Кавано бил назначен за 89 дена во 2018 година.
Изборите за американски претседател ќе се одржат на 3 ноември.
Радиото НПР објави дека Гинсбург на својата внука неколку дена пред нејзината смрт ѝ диктирала изјава во која се наведува дека нејзина „најголема желба“ е да не биде заменета до назначувањето на нов претседател, а за тоа предупреди и лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер.
„Американскиот народ мора да има глас при изборот на следен судија на Врховниот суд. Затоа таа позиција не смее да биде пополнета до новиот претседател“, напиша Шумер на Твитер.