Најсјајната ѕвезда на космологијата

Почина Стивен Хокинг

Стивен Хокинг, најсјајната ѕвезда на космологијата, почина на 76 години. Физичарот и автор на „Кратка историја на времето“ почина во својот дом во Кембриџ. Неговите деца рекоа: „Ќе ни недостига засекогаш“.

Стивен Хокинг, најсјајната ѕвезда на научното небо, чии согледувања ја обликуваа модерната космологија и инспирираа милионска светска публика, почина на 76 години.

Неговото семејство утрово соопшти дека Хокинг починал во неговиот дом во Кембриџ.

Децата на Хокинг, Луси, Роберт и Тим, во соопштението велат: „Длабоко сме тажни шт нашиот сакан татко денес почина. Тој беше голем научник и извонреден човек, чија работа и наследство ќе живеат многу години. Неговата храброст и упорност со неговата брилијантност и хумор ги инспирираа луѓето низ целиот свет. Тој еднаш рече: 'Ова и немаше да биде некој универзум ако не беше дом на луѓето што ги сакате'. Ќе ни недостига засекогаш.“

За колегите научници и за најблиските, она по што ќе биде запаметен Хокинг се интуицијата и чудното чувство за хумор, исто колку што и жестокиот интелект, кој, заедно со неговата болест, ги симболизира неограничените можности на човечкиот ум.

Во 1963 година, на возраст од 21, на Хокинг му беше дијагностицирана болест на моторните неврони. Лекарите очекуваа да живее само уште две години. Но Хокинг имаше форма на болеста што напредува побавно од вообичаеното. Тој живееше уште повеќе од половина век.

Хокинг еднаш процени дека работел само 1.000 часа за време на неговите три додипломски години во Оксфорд. На дипломската, тој дошол на граница меѓу диплома од прва класа и диплома од втора класа. Убеден дека го сметаат за тежок студент, тој им кажал на своите испитувачи дека ако му дадат прва, ќе се пресели во Кембриџ за да продолжи со докторат. Ако му дадат втора класа, се заканил дека ќе остане. Тие се одлучиле за првата.

Оние што живеат во сенката на смртта често се оние што живеат најмногу. За Хокинг, раната дијагноза на неговата кобна болест и смртта од леукемија на момче што го запознал во болница, предизвикале ново чувство за целисходност. „Иако над мојата иднина висеше облак, открив, на мое изненадување, дека сега уживам во животот повеќе отколку порано. Почнав да напредувам со моето истражување“, рече тој еднаш. Сериозно зафаќајќи се со својата кариера, тој рече: „Мојата цел е едноставна. Тоа е целосно разбирање на универзумот, зошто е ваков каков што е и зошто воопшто постои.“

Во 1960-тите почна да користи патерици, но долго време не сакаше да користи инвалидска количка. Кога конечно попушти, тој стана познат по дивото возење по улиците на Кембриџ, како и по намерното прегазување на прстите на учениците и повремените вртења на подиумот на колеџ-забавите.

Првиот голем пробив на Хокинг дојде во 1970 година, кога тој и Роџер Пенроус ја применија математиката врз црните дупки во вселената и покажаа дека во нашето далечно минато лежи еден сингуларитет, регион на бесконечно искривување во простор-времето: точката од која се случила Големата експлозија.

Пенроус откри дека може да разговара со Хокинг дури и кога овој веќе не можеше да зборува. Хокинг, рече тој, беше апсолутно решен да не дозволи ништо да му се исперчи на патот. „Тој мислеше дека нема долго да живее, и навистина сакаше да направи колку што може повеќе за тоа време“.

Во 1974 година, Хокинг врз основа на квантната теорија рече дека црните дупки би требало да испуштаат топлина и на крај да ги снема. За црните дупки со нормална големина, процесот е исклучително бавен, но минијатурните црни дупки би ослободувале топлина со спектакуларна стапка, а на крај би експлодирале со енергија од милион едномегатонски хидрогенски бомби.

Неговиот предлог дека црните дупки зрачат топлина предизвика една од најстрастните дебати во современата космологија. Хокинг тврдеше дека ако црната дупка може да исчезне, сите информации што ги впила во текот на својот живот би биле загубени засекогаш. Тоа беше спротивно на еден од најосновните закони на квантната механика, па многу физичари не се согласија. Хокинг на крај прифати дека е повообичаено, иако не и помалку збунувачко, објаснувањето дека информациите се чуваат во хоризонтот на настани на црната дупка, па повторно преоѓаат во зрачење додека црната дупка зрачи.

Марика Тејлор, поранешна студентка на Хокинг и сега професор по теоретска физика на Универзитетот Саутемптон, се сеќава како Хокинг на своите студенти им го соопштил своето менување став за информативниот парадокс. Тој разговарал за нивната работа со нив во паб кога Тејлор забележа дека го крева својот говорен синтетизатор до максимум. „Признавам!“, извикал тој. Целиот паб почнал да се врти и да ја гледа групата, а Хокинг го стишил тонот и го разјаснил извикот: „Признавам дека можеби не доаѓа до загуба на информации“. Тој, вели Тејлор, „имаше чукната смисла за хумор“.

Потрагата на Хокинг по радикални откритија доведе до тоа во 1974 година, на возраст од 32 години, да биде примен во Кралското друштво. Пет години подоцна, тој стана лукасиски професор по математика во Кембриџ, веројатно најугледната позиција во Британија, која претходно ја имаа Исак Њутн, Чарлс Бебиџ и Пол Дирак, последниов еден од основачите на квантната механика.

Епохалните дела на Хокинг продолжија и во текот на 1980-тите. Теоријата на космичка инфлација смета дека младиот универзум поминал низ период на огромно проширување. Во 1982 година, Хокинг беше меѓу првите што покажаа како квантните флуктуации - мали варијации во распределбата на материјата - преку надувување може да доведат до ширење на галаксиите во универзумот. Во овие мали бранови лежи семето на ѕвездите, планетите и животот ваков каков што го знаеме.

Но она што му го донесе на Хокинг статусот на ѕвезда беше „Кратка историја на времето“. Објавена првпат во 1988 година, книгата влезе во Гинисовата книга на рекордите откако на листата на бестселери во „Сандеј тајмс“ остана дотогаш невидени 237 недели. Беа продадени 10 милиони примероци и беше преведена на 40 различни јазици. Сепак, мајтапчиите ја нарекоа најдобрата непрочитана книга во историјата.

 Во 1965 година Хокинг се ожени со својата колешка од факултет Џејн Вајлд, две години по неговата дијагноза. Таа првпат го видела во 1962 година, како се тетерави по улица во Сент Албанс, со лицето надолу, покриено со непослушен џбун од кафеава коса. Еден пријател ја предупредил дека се мажи во „лудо, лудо семејство“. Со сета невиност на нејзините 21 година, таа верувала дека Стивен ќе ја сака и чува, пишува во книгата „Патување до бесконечност: мојот живот со Стивен“ во својата книга од 2013 година.

Во 1985 година, за време на посета на Церн, Хокинг доби инфекција и беше однесен во болница. Тој беше толку болен што лекарите ја прашале Џејн дали да го исклучат од апаратите за одржување во живот. Таа одбила, а Хокинг бил пренесен во болницата Аденбрук во Кембриџ за да му биде извршена трахеостомија. Операцијата му го спаси животот, но му го уништи гласот. Двојката имаше три деца, но бракот се распадна во 1991 година. Сè полошата состојба на Хокинг, неговите барања од Џејн и неговото одбивање да разговара за својата болест, биле деструктивните сили што оваа врска не можела да ги издржи, рече таа. Џејн за него напиша дека е „дете опседнато со огромно и раздразливо его“, и дека од маж и жена станале „господар“ и „роб“.

Четири години подоцна, Хокинг се омажи за Елејн Мејсон, една од медицинските сестри ангажирани да му даваат 24-часовна нега. Бракот траеше 11 години, во кои кембриџширската полиција испитуваше серија наводни напади врз Хокинг. Физичарот негираше дека Елејн била вклучена во тоа и одби да соработува со полицијата, која ја прекина истрагата. 

Хокинг можеби не беше најголемиот физичар на своето време, но во космологијата тој беше врвна фигура. Не постои совршена мерка за научната вредност, но Хокинг ги доби наградата Алберт Ајнштајн, Волф-наградата, Копли медалот и наградата за фундаментална физика. Меѓутоа, Нобеловата награда го избегнуваше.

Беше љубител на научни обложувања, и покрај склоноста да губи. Во 1975 година се обложи со американскиот физичар Кип Торн во претплата на Пентхаус дека космичкиот рендгенски извор Лебед Икс-1 не е црна дупка. Загуби во 1990 година. Во 1997 година Хокинг и Торн се обложија со Џон Прескил во енциклопедија дека информациите мора да се губат во црните дупки. Хокинг призна во 2004 година. Во 2012 година, Хокинг загуби 100 долари во облог со Гордон Кејн дека Хигсовиот бозон нема да биде откриен.

Предаваше во Белата куќа за време на администрацијата на Клинтон - оние што го прегледуваа неговото предавање не ги забележаа скриените алузии на епизодата со Моника Левински - и се врати во 2009 година за да го прими претседателскиот медал на слободата од Барак Обама. Неговиот живот беше тема на биографии и документарци, од кои најновиот е „Теоријата на сè“, во кој го глуми Еди Редмајн. Тој се појави во Симпсонови и играше покер со Ајнштајн и Њутон во „Ѕвездени патеки: Следната генерација“.

Величествено се потсмеваше во „Теоријата на големата експлозија“. „Што имаат заедничко Шелдон Купер и црната дупка?“, го праша Хокинг фиктивниот физичар од Калтех чиј ај-кју глатко ги надминува неговите социјални вештини. По мала пауза, дојде одговорот: „They both suck“ (suck - срање, шмука).

Хокинг тврдеше дека за човештвото да преживее, мора да се сели во вселената и предупредуваше на најлошите примени на вештачката интелигенција, вклучувајќи го и автономното оружје.

Хокинг со задоволство флертуваше со контроверзијата и беше обвинуван дека е шовинист и женомрзец. Во 2003 година се појави во стриптиз-клубот Стрипфелоус, а неколку години подоцна ги прогласи жените за „комплетна мистерија“. Во 2013 година бојкотираше една голема конференција во Израел по совет на палестинските академици.

Некои од неговите најистакнати коментари ги навредуваа верниците. Во својата книга од 2010 година, „Големиот дизајн“, тој рече дека не бил потребен господ за да го создаде универзумот, а во едно интервју за Гардијан една година подоцна ја критикуваше удобноста на верата.

„Јас го гледам мозокот како компјутер што ќе престане да работи кога ќе се расипат неговите делови. Не постои рај или задгробен живот за расипани компјутери; тоа е бајка за луѓето што се плашат од мракот“, рече тој.

Тој зборуваше и за смртта, чин поставен на подалечен хоризонт отколку што мислеа лекарите. „Не се плашам од смртта, но не се брзам да умрам. Има толку многу работи што сакам да ги направам пред тоа“, рече тој.

Она што ги зачуди оние околу него беа неговите успеси. Тој остави три деца, Роберт, Луси и Тимоти, од неговиот прв брак, со Џејн Вајлд, и три внуци.

Извор: Гардијан

Објавено

Среда, Март 14, 2018 - 08:37

Операциите направени кај повеќето интерсексуални новороденчиња е од козметички причини.

повеќе

Внимателноста во водењето на преговорите за името и изјавите околу нив сега е повеќе од нужна.

повеќе

Во најсеверните делови на грчките региони Западна и Централна Македонија, сите народни ора се инструментални песни. Традиционалните песни во овие региони некогаш имаа зборови - но тие беа на јазик што грчката држава речиси еден век се обидува да го избрише: македонскиот словенски, вели Петрос Карацареас, лектор по англиски јазик и лингвистика на Универзитетот на Вестминстер, Велика Британија.

повеќе