После еден месец општ карантин што завршува на 2 декември, Англија ќе воведе локални ограничувања во зависност од зачестеноста на вирусот според системот на три нивоа.
„Националната мерка (карантин) овозможи успешно да се сврти кривата на епидемијата“, изјави пред парламентарците министерот за здравство Мет Ханкок, со опаѓање на бројот на инфекции и хоспитализација.
„Го разбирам ефектот од овие мерки, но тие беа неопходни поради обемот на заканата со која се соочуваме“, инсистираше тој, нагласувајќи дека локалните ограничувања ќе бидат построги од оние пред карантинот „за да се одржи вирусот под контрола“.
Продавниците што не се нужни ќе бидат затворени низ Англија, а училиштата ќе продолжат да одржуваат настава. Во сите случаи каде што е можно, се препорачува работа од дома.
Но, во областите каде што е на сила највисокото предупредување, како Бирмингем, Манчестер, Њукасл, Бристол и Лидс, пабовите и рестораните ќе останат затворени и ќе нудат само достава. Ќе бидат забранети средби со луѓе од други домаќинства и во затворени простории и на отворено, освен во парковите.
Во Лондон, како и во поголемиот дел од Англија, ризикот е оценет како висок (Ниво 2). Пабовите и рестораните можат да работат само ако служат оброци, а средби на членови на разни домаќинства се ограничени на шест лица надвор и се забранети во затворен простор.
Новите проценки ќе бидат објавени на 16 декември.
На почетокот на оваа недела, британските власти одлучија да ги ублажат ограничувањата преземени како дел од борбата против новиот коронавирус за неколку дена околу Божиќ и да дозволат семејни собири од 23 до 27 декември.
Велика Британија, каде што секој регион ја одредува својата стратегија, има 56.500 смртни случаи, највисока во Европа и 1,5 милиони позитивни случаи.