Крајна цел: Франција и Германија

По совет на Турција, мигрантите го заобиколуваат Западен Балкан

Припадниците на грчката и турската полиција распоредени на заедничката граница вчера употребија солзавец откако стотици мигранти повторно се обидоа да преминат во Грција, додека во меѓувреме ескалира вербалната војна меѓу Анкара и Атина, кои имаат различни верзии за она што се случува.

Грција и Европската Унија ја обвинуваат Турција дека намерно ги поттикнува мигрантите да ја преминуваат границата за да изврши притисок врз Брисел да понуди повеќе пари и да ги поддржи геополитичките цели на Анкара во сирискиот конфликт.

Во прилог на нивните тврдења, грчките медиуми објавија турска географска мапа со „рути“ за мигрантите, кои водат од турската територија кон Франција и Германија, заобиколувајќи ги земјите од поранешна Југославија и Албанија. Мапата со рути, со упатства на арапски јазик, ја објави официјалната турска државна телевизија ТРТ, а ја пренесе и на својот профил на Твитер.

Според оваа мапа, мигрантите и бегалците се насочени на пет правци низ Турција до пет „влезни места“ во Грција: четири на нејзините острови и една на копнената граница, преку реката Еврос, каде што последниве денови поради кризата е распоредена дури и грчка војска и каде што конфликтите преку граничната линија се скоро постојани.

По пристигнувањето во Грција, мигрантите и бегалците би требало, по совет на Турција, да преминат во Италија на пат кон Франција, која е прикажана како главна дестинација.

Друг правец од Турција што на мигрантите им го препорачува ТРТ оди кон северозапад, исто така заобиколувајќи ги земјите од поранешна Југославија, и минува низ Бугарија, Романија, Унгарија, Австрија, каде што патот се разгранува во два правци: кон Германија и Франција.

Турција, според американското списание Форин полиси, спроведува и организирана кампања објавувајќи групни известувања на апликациите Вотсап и Телеграм за таканаречените „конвои на надежта“ што тргнуваат од Истанбул. Автобусите за конвоите наводно ги плаќаат турските општини и приватни компании.

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел вчера во Анкара разговараше со Ердоган и најави дополнителна хуманитарна помош вредна 60 милиони евра за најранливиот народ во северозападна Сирија.

Борел исто така сегашната состојба на турско-грчката граница ја опиша како „неприфатлива“ и ја повика Анкара да не ги охрабрува мигрантите илегално да влегуваат во ЕУ. Високи европски функционери вчера ја посетија грчко-турската граница, најавувајќи 700 милиони евра помош за Атина за спречување нова мигрантска криза.

 

Орбан: 130.000 мигранти веќе ја преминаа границата

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, во средата изјави дека 130.000 мигранти веќе ја преминале грчко-турската граница и дека мора да бидат запрени во јужните делови на континентот. Ројтерс соопшти дека е нејасно како Орбан дошол до таа цифра, која е значително поголема од официјалните бројки.

„Нема да биде доволно да се одбрани грчко-турската граница“, рече Орбан на прес-конференција со лидерите на Вишеградската четворка, на која покрај Унгарија, ѝ припаѓаат и Полска, Словачка и Чешка. „Како последно упориште... ќе ги браниме надворешните граници на Европа“.

Премиерот на Чешка Андреј Бабиш изјави дека ситуацијата е сериозна и дека ЕУ мора да ги заштити своите граници, додека полскиот лидер Матеуш Моравјецки рече дека неговата земја е спремна да испрати свои сили да ѝ помогнат на Грција.

Членовите на Вишеградската четворка се познати по остриот став против мигрантите и го отфрлија планот на ЕУ за распоредување бегалци во членките на блокот.

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе

Државниот врв на Србија, вклучително и група лекари кои ја предводат борбата против ширењето на вирусот корона, во најмала рака го игнорираа влошувањето сè додека не заврши гласањето.

повеќе

Како Босна и Херцеговина се справи и се уште се справува со кризата предизвикана од пандемијата? Зошто немавме единствен кризен штаб на ниво на држава? 

повеќе