Авганистан

По ненадејната посета на Трамп во Кабул, талибанците спремни да продолжат со мировните преговори

Талибанците денеска рекоа дека се спремни да ги почнат мировните преговори со Соединетите Американски Држави, еден ден откако претседателот Доналд Трамп отиде во ненадејна посета на американските војници во Авганистан и рече дека верува оти радикалната група ќе се согласи на прекин на огнот.

Посетата на Трамп на Денот на благодарноста беше негова прва посета во Авганистан откако стана претседател и се случи една недела по размената на затворениците меѓу Вашингтон и Кабул, што роди надеж дека со мировен договор ќе ѝ се стави крај на 18-годишната војна.

„Талибанците сакаат да постигнат договор и ние се среќаваме со нив“, им рече Трамп на новинарите откако во четвртокот пристигна во Авганистан.

„Ние рековме дека мора да има прекин на огнот, а тие не сакаа прекин на огнот и сега мислам дека сакаат прекин на огнот. Веројатно тоа ќе биде остварено“.

Лидерите на талибанците изјавија за Ројтерс дека групата одржува состаноци со високи американски функционери во Доха од минатиот викенд, додавајќи дека наскоро би можеле да продолжат со официјалните мировни преговори.

Во петокот Забихулах Муџахид, портпарол на тврдокорната исламистичка бунтовничка група, рече дека тие се „спремни да ги почнат разговорите“, кои пропаднаа откако Трамп ги прекина во почетокот на оваа година.

„Нашиот став сè уште е ист. Ако почнат мировните преговори, тие ќе бидат продолжени од сцената на која престанаа“, рече Муџахид за Ројтерс.

Трамп ги откажа мировните преговори во септември, откако милитантната група ја презеде одговорноста за нападот во Кабул во кој загинаа 12 лица, меѓу кои и еден американски војник.

„Се надеваме дека посетата на Трамп во Авганистан ќе докаже дека сериозно планира повторно да ги почне разговорите. Сметаме дека тој нема голем избор“, рекол талибански командант под услови на анонимност.

Во моментов во Авганистан има околу 13.000 американски војници, како и илјадници други војници на НАТО, 18 години по инвазијата на коалицијата предводена од САД по 11 септември 2001 година, нападите на Ал каеда врз Соединетите Држави.

За време на авганистанскиот конфликт убиени се околу 2.400 американски војници.

Со нацрт-договорот постигнат во септември ќе бидат повлечени илјадници американски војници во замена за гаранции дека Авганистан нема да биде користен како база за милитантни напади врз САД или нивните сојузници.

Сепак, многу американски функционери сметаат дека на талибанците не може да им се верува дека ќе ја спречат Ал каеда повторно да планира напади против САД од авганистанско тло.

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе