Хрватскиот премиер е во Тирана на состанокот на земјите од ЕУ и Западниот Балкан, а на новинарите им кажа дека тие средби, кои се чести благодарение на иницијативата на Хрватска, ја забрзуваат динамиката на приближување кон членството на земјите од регионот.
Првиот таков собир беше одржан во 2000 во Загреб, па потоа во 2003 во Солун, па во Софија во 2018, па самитот во Загреб во 2020, Брдо во 2021 и сегашниот во Тирана. „Динамиката на средбите на највисоко ниво стана интензивна, мислам дека тоа ќе го забрза процесот“ на пристапување на шесте земји од Западниот Балкан во ЕУ, смета Пленковиќ.
Тој кажа дека во декларацијата по самитот за првпат не се користи „еуфемизам за европската перспектива“, туку се зборува за „перспективата за членство во ЕУ“, што е „поконкретен израз“ кој ја покажува поголемата приврзаност за проширување на членките на ЕУ.
Пленковиќ кажа дека српскиот претседател Александар Вучиќ на собирот од „низа лидери“ бил прозван Србија да застане зад надворешнополитичкиот став на ЕУ, особено во однос на санкциите.
„Тој зборуваше дека тие секогаш ги имаат тие внатрешни работи кои се однесуваат на односот кон Русија, но исто така напомена дека ја осудија руската агресија на Украина и дека го почитуваат украинскиот територијален интегритет“, кажа хрватскиот премиер. Србија, покрај Белорусија, е единствената европска земја која не ѝ воведе санкции на Русија.