Италија

Планот за карантин што протече во медиум предизвика хаос: илјадници луѓе панично тргнаа на југ (ВИДЕО)

Илјадници луѓе се обидоа да избегаат на југот откако Кориере дела Сера го објави планот за карантин до 3 април пред официјално да го соопштат италијанските власти.

Пред италијанската влада вчера рано наутро да објави дека воведува карантин во северните области, веста протече во медиумите и предизвика хаос и збунетост поради ограничувањето на движењето на една четвртина од италијанското население за да се спречи ширењето на епидемијата на коронавирус.

Премиерот Џузепе Конте потпиша указ со кој се погодени околу 16 милиони луѓе на северот, вклучувајќи ја Ломбардија и најмалку 14 други провинции и соседните региони. Вонредните мерки ќе бидат во сила до 3 април.

Во часовите пред Конте да го потпише указот настанаа хаос и конфузија, бидејќи веста дека се планира карантин се појави во медиумите.

Илјадници луѓе навалија на железничките станици или скокнаа во своите автомобили, откако во саботата попладне Кориере дела Сера ги откри деталите за нацрт-указот за забрана да се влегува и излегува во регионот.

„Протекувањето на веста предизвика многу луѓе да се обидат да избегаат, предизвикувајќи спротивен ефект од она што указот се обидува да го постигне“, предупреди Роберто Буриони, професор по микробиологија и вирологија на универзитетот Вита-Салут Сан Рафаеле во Милано. „За жал, некои од оние што избегаа ќе бидат заразени со оваа болест“.

Студентите на Универзитетот во Падова во северна Италија, кои синоќа биле излезени по барови, ја виделе објавата на своите телефони и се упатиле кон своите станови за да ги грабнат работите и да се упатат кон железничката станица.

Стотици патници, некои со маски и гумени нараквици, се напикале во последниот локален воз, кој заминува од Падова во 23:30 часот.

Загрижените студенти си врзувале шалови околу глава, делеле гел за дезинфекција и седеле на куфери во ходниците. Немало кондуктер да ги провери билетите.

„Прочитав пред околу два часа дека може да воведат итен указ што ја става Падова во црвената зона. Затоа, би сакал да се вратам на југ кај моите роднини, па решив да тргнам порано“, рече студентот Роберто Паљара, кој го забрзал враќањето во родниот јужен регион Пуља.

Микеле Емилијано, претседател на Пуља, во неделата потпиша наредба во која ги обврзува сите што ќе дојдат од северот во наредните часови да одат во карантин.

„Излезете на првата железничка станица, не се качувајте во авиони до Бари и Бриндизи, вратете се со автомобил, слезете од автобусот на следната станица“, напиша тој на Фејсбук, претежно обраќајќи им се на луѓето од регионот што живеат на северот. „Не ја донесувајте епидемијата на Ломбардија, Венето и Емилија во вашата Пуља. Вирусот го носите до белите дробови на вашите браќа и сестри, вашите баби и дедовци, чичковци, братучеди и родители.“

Регионалните политичари биле затекнати од забраната.

Стефано Боначини, претседател на регионот Емилија Ромања, рече дека делови од указот се збунувачки.

Градоначалникот на Асти, во регионот Пиемонт, објави луто видео на својот фејсбук-профил, во кое го критикува Рим дека не ги информирал регионалните лидери однапред.

„Никој не ми кажа“, напиша Маурисио Расеро додавајќи дека добил стотици пораки на телефон од вознемирени граѓани.

„Неразбирливо е една толку деликатна и важна информација прво да стигне до медиумите“, напиша тој.

Засега не е познато што ќе се случи со странските туристи заробени во црвените зони во северна Италија.

Овој потег е сличен на она што го стори Кина кога во крајот на јануари изолираше околу 60 милиони луѓе во центарот на Хубеи, изолација што сега влегува во својата шеста недела.

Драстичните ограничувања на патувањата во Кина беа воведени предоцна за да се спречи епидемијата, но Светската здравствена организација ги пофали мерките, велејќи дека го забавиле ширењето на вирусот и му „купиле“ време на светот да се подготви за епидемијата.

Низ целиот свет, другите земји сè повеќе ја имитираат Кина, каде што вирусот се појави кон крајот на минатата година, наметнувајќи ограничувања за патувања и забранувајќи јавни настани.

Во Кина има околу три четвртини од вкупно 106.000-те заразени во светот и најголем број од 3.600 починати.

Зголемувањето на парите за финансирање на партиите не помагаат во поттикнувањето на политичката активност на граѓаните, туку веројатно и делуваат контрапродуктивно, зголемувајќи ја недовербата во партиите и политичарите.

повеќе

За помалку од еден месец по олеснувањето на рестриктивните мерки, Косово се соочува со нагло зголемување на бројот на случаи со ковид-19, 

повеќе