Лето 2021

Планетата гори: пламтат пожари од САД преку ЕУ до Русија (ФОТО+ВИДЕО)

Пожари горат во многу делови на светот, во многу области, вклучувајќи ги Соединетите Држави, Европската Унија и Русија, десетици илјади хектари земја се претворени во пепел. Бројот на пожарите што избувнаа во 2021 година во многу земји го надмина просекот од претходните години.

Сателитските снимки од Системот за евиденција на пожари и управување со извори на НАСА, наречен „ФИРМС“, покажуваат дека пожарите се активни во многу области низ светот, означени со црвени точки.

Врз основа на картата, може да се види дека пожарите зафатиле многу области од САД до Русија, од Јужна Америка до северот, централните и јужните делови на Африка, како и Персискиот Залив. Пожари се пријавени и во многу европски земји, меѓу кои и Италија, Грција и Романија.

Мапата за вонредни ситуации на Европската комисија, на која се претставени шумските пожари, покажува дека пожари со различна големина може да се видат низ цела Европа, достигнувајќи речиси до Русија.

На картата се гледаат и пожарите низ Европската Унија, кои траат најмалку една недела.

Италија е особено погодена

Во Италија, претежно во јужните делови, евидентирани се голем број шумски пожари со различна големина.

Локалните медиуми објавија дека поради пожарите на островите Сицилија и Сардинија, како и во регионот на Калабрија, десетици илјади области се претворени во пепел. Локалната влада на Сардинија во неделата прогласи вонредна состојба поради „катастрофата без преседан“.

На 24 јули избувна пожар во областа Ористано, западно од Сардинија, во кој изгореа 20.000 хектари земја, а 1.500 луѓе беа евакуирани. Во овие области продолжуваат активностите за ладење и гаснење.

Фото: ЕПА

На Сицилија во моментов беснеат најмалку 15 пожари, дел подметнати од пиромани, дел предизвикани од високите температури и ветерот, кој го разгорува огнот. Силен пожар ги зафати и предградијата на главниот град на Сицилија, Катанија, а врз Палермо 24 часа паѓа пепел. Сообраќајот меѓу Палермо и Катанија е прекинат, вклучително и од воздух, поради густиот чад, кој ја намалува видливоста.

Фото: ЕПА

Италија побара помош од другите земји на Европската Унија за гаснење на пожарите.

Шефот на автономната покраина Сардинија, Кристијан Солинас, рече дека сѐ уште не е можно да се процени штетата предизвикана од пожарот, а од централната влада била побарана итна економска поддршка со цел да се поправи штетата.

Финска гори првпат по 50 години

Шумски пожар што не е виден во последните педесет години опустоши повеќе од триста хектари во северозападна Финска. Причината за пожарот не е позната, но шумите се суви бидејќи јуни и јули беа невообичаено топли во Финска, каде што во некои делови температурата беше повисока од 30 Целзиусови степени.

Пожарот, кој избувна во понеделникот на околу 25 километри јужно од пристаништето Калајоки во Ботнискиот Залив, стивнува четири дена откако падна дожд во областа, но сѐ уште не е целосно ставен под контрола, соопштија властите.

„Уште полошо е, но пожарот повеќе не се шири надвор од овој сектор од 300 хектари, долг осум километри. Ќе ни требаат најмалку една недела или дури две до три недели за целосно да го изгаснеме“, рече противпожарниот бригадир Јармо Хапанен.

Романија

Во многу делови на Романија, особено на југот, вклучувајќи го и Букурешт, како и делови недалеку од границата со Бугарија, се прикажани црвени знаци за пожар.

Шумските пожари се активни и во соседните земји Молдавија и Украина.

Грција

Во Грција меѓу неделата и понеделникот избувнаа многу шумски пожари. Повеќе од 700 пожарникари беа ангажирани да ја преземат контролата врз ситуацијата.

Премиерот Кирјакос Мицотакис на владината седница во понеделникот рече дека пожарникарите секојдневно се справуваат со околу 50 пожари низ целата земја и нагласи дека може да следуваат уште повеќе откако метеоролозите најавија жежок бран.

Пожарот што избувна на 27 јули во шумската област на Стамата, во општината Дионисос, недалеку од грчката престолнина Атина, се прошири и на населените места.

Претставниците на Дионисос порано изјавија дека ситуацијата на терен е многу тешка и дека пожарот, и покрај напорите на пожарникарите, се приближува до населбите.

Турција

Пожари во последните денови го тресат и турскиот брег на Егејско Море.

Најмалку четири лица загинаа, а повеќе од десетина се во болниците поради последици од шумскиот пожар што ветерот го предизвика во зградите на одморалиштето Манагвата, во близина на Анталија на југот на Турција.

Пожар го зафати и Мармарис, во кој едно лице загина.

Фото: ЕПА

Во Албанија гореше плажа

Во близина на летувалиштето Ксамил во Албанија синоќа избувна пожар, кој ги зафати тревата, ниската вегетација и шумата на тешко пристапен терен.

Пожарникарите беа на терен, а локалните жители исто така учествуваа во гаснењето на пожарот. Не постои опасност пожарот да ги зафати станбените згради во предградието на Ксамил, каде што моментално летуваат многу странски туристи.

Албанските власти не издадоа предупредувања за можна опасност од пожар.

Русија

Во поларните области на Русија, инаку мошне студена област, кон крајот на јуни беше измерена температура од 47,7 степени. Кон средината на јули беа забележани дури 200 шумски пожари во тој дел од светот.

Фото: ЕПА

Во тек се операции за гаснење на пожарите што почнаа во јули во Јакутија.

Досега шума од речиси 1,3 милиони хектари е претворена во пепел, а официјалните лица прогласија вонредна состојба.

Министерството за вонредни ситуации на Русија вчера објави дека екипите се на терен и се обидуваат да ги изгаснат пожарите во 144 области.

САД и Канада

Податоците од Националниот меѓуагенциски противпожарен центар во Соединетите Држави, објавени до 29 јули, покажуваат дека во 82 големи пожари во 13 федерални држави изгорела површина од 1,7 милиони квадратни километри. Покрај тоа, нови големи пожари се пријавени во државите Ајдахо, Алјаска и Минесота.

Во 2021 година повеќе од 4.500 пожари избувнаа во Канада. Овој број е многу поголем во однос на просекот од десет години, кој е малку повеќе од илјада. Годинава изгоре површина од 2.150 хектари.

Надминати просечните податоци

Податоците од Европскиот информативен центар за шумски пожари (ЕФФИС) покажуваат дека бројот на пожарите во Италија, Франција и Романија го надминал просекот за периодот 2008-2020 година.

Во Италија годинава изгоре површина од 53.797 хектари, а просекот за 12 години е 40.781 хектари. Во Франција изгореа 22.807 хектари, а просекот е 9.283. Во Романија годинава изгоре површина од 18.620 хектари, а просекот за период од 12 години изнесува 16.082.

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе