„Трупањето е брзо и премногу големо за да се прикрие. Се наметнува прашањето дали (Кинезите) се откажуваат од стратегијата која ја нарекоа ефикасно одвраќање“, кажа висок американски одбранбен функционер на брифингот за новинари за годишниот извештај на Пентагон за кинеската војска. Извештајот, кој главно се темели на анализа од 2021 година, тврди дека кина во моментов во своите складишта има над 400 нуклеарни боеви глави.
Пентагон предвидува дека кинескиот нуклеарен арсенал до 2030 година ќе се состои од 1.000 боеви глави, а проекцијата за 2035 се темели на истото темпо на развој. Кина тврди дека нејзиниот арсенал е минорен во споредба со американскиот или рускиот и дека е спремна на дијалог, но само ако Вашингтон го намали количеството на сопственото нуклеарно вооружување на кинеско ниво.
САД имаат околу 3.700 нуклеарни боеви глави, од кои 1.740 се распоредени, според Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања. Кинескиот лидер Си Џинпинг за време на конгресот на Комунистичката партија во октомври истакна дека Кина ќе ги зајакне своите средства за стратегиско одвраќање, терминот кој често се користи за нуклеарно оружје.
Извештајот на Пентагон ја повтори загриженоста околу сè поголемиот притисок на Пекинг врз Тајван, одметнатиот остров кој Кина го смета за своја територија. Претставникот на Пентагон кажа дека Вашингтон кинеската инвазија на Тајван не ја гледа како „скора закана“.