Пенс одби да го отстрани Трамп, кому републиканците му вртат грб, почнува отповикувањето

Долниот дом на Парламентот на САД, Претставничкиот дом, донесе резолуција со која се повикува потпретседателот Мајк Пенс да покрене процес за отстранување на претседателот Доналд Трамп од власта, врз основа на 25-тиот амандман на Уставот.

Фото: ЕПА

Потпретседателот Пенс веќе пред тоа во писмо до спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси изјави дека не ја прифаќа иницијативата и дека нема да го стори тоа.

Потпирањето на 25-тиот амандман подразбира дека Пенс и поголем дел од администрацијата на Трамп ќе мора да го прогласат Трамп за неспособен за извршување на должностите. Пенс вчера го отфрли ваквиот потег.

Претставничкиот дом се очекува денеска да гласа за сменување на Трамп од функцијата под обвинение дека тој поттикнал бунт против американската влада.

Бидејќи досега четворица републиканци отворено објавија дека ќе го поддржат отповикувањето на претседателот Трамп за поттикнување насилен прекин на работата на Конгресот на САД, демократите во Претставничкиот дом се подготвени за историско гласање за смена на претседателот од неговата функција.

Осум дена пред истекот на мандатот на Трамп, Претставничкиот дом ќе гласа за резолуцијата за отповикување во која го обвинува републиканскиот претседател за поттикнување бунт во говорот до своите приврзаници пред тие насилно да упаднат во Капитол, седиштето на парламентот, што резултираше со пет починати.

Тоа гласање ќе покрене судење во Сенатот, кое сè уште е контролирано од републиканското мнозинство, иако сè уште не е јасно дали има доволно време или воопшто политички апетит Трамп да се симне од функцијата.

Демократите преминуваат на гласање за отповикување откако вчера со 223 гласа „за“ и 205 гласа „против“ официјално изгласаа резолуција со која се повикува потпретседателот Пенс да го активира 25-тиот амандман и да иницира смена на Трамп.

Мајк Пенс во писмото до Пелоси рече дека тој е против активирање на 25-тиот амандман на Уставот на САД за смена на Трамп од функцијата.

„Не верувам дека ваквиот тек на дејствување е во најдобар интерес на нашата нација и во согласност со нашиот Устав“, напиша Пенс.

Напорите на демократите да извршат притисок врз него да се повика на 25-тиот амандман и да го отстрани Трамп Пенс во писмото ги нарекол „политички игри“.

„Според нашиот Устав, 25-тиот амандман не е средство за казнување или узурпација“, напишал Пенс. „Повикувањето на 25-тиот амандман на таков начин би претставувало страшен преседан“.

Пенс ѝ рекол на Пелоси дека енергијата на администрацијата е насочена кон уреден трансфер на власта и ги повикал неа и другите членови на Конгресот да избегнуваат активности „што дополнително ќе ги разгорат поделбите и страстите во овој момент“.

„Работете со нас да ја спуштиме температурата и да ја обединиме нашата земја додека се подготвуваме да го инаугурираме новоизбраниот претседател Џо Бајден за следниот претседател на Соединетите Држави“, рече тој.

Републиканците му вртат грб на Трамп

Уште тројца републиканци, меѓу кои и член на раководството на Конгресот, најавија дека ќе го поддржат отповикувањето на Трамп.

Лиз Чејни, број 3 меѓу републиканците во Претставничкиот дом, рече дека „никогаш немало поголемо предавство на американскиот претседател кон неговите должности и неговата заклетва на Уставот“, додека Долниот дом на парламентот, во кој доминираат демократите, се обидува да го отвори патот за отстранување на Трамп.

Трамп „ја свика таа глутница, ја собра таа глутница и го потпали огнот на нападот“ врз Капитол минатата среда, рече Чејни, ќерка на поранешниот републикански потпретседател Дик Чејни, додавајќи: „Јас ќе гласам за отповикување на претседателот“.

Двајца други републиканци во Претставничкиот дом, Џон Катко и Адам Кинзингер, рекоа дека ќе гласаат за историското второ по ред отповикување на републиканскиот претседател, кој треба да ја напушти функцијата за само осум дена.

Трамп вчера го посети градот Аламо во Тексас, местото каде што се наоѓа ѕидот од 724 километри. Тој го коментираше обидот за отповикување.

„Слободниот говор е нападнат како никогаш порано. Дваесет и петтиот амандман за мене не е никаков ризик, но ќе се врати и ќе ги прогонува Џо Бајден и неговата администрација“, рече Трамп.

„Знаете како се вели, внимавајте што посакувате“, додаде тој.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе