Пелоси повика итно да се отстрани Трамп преку 25-тиот амандман

Претседателката на американскиот Претставнички дом Ненси Пелоси денеска повика итно да се отстрани американскиот претседател Доналд Трамп преку 25-тиот амандман од Уставот, еден ден откако Трамповите поддржувачи упаднаа во американски Капитол.

Фото: ЕПА

„Вчера претседателот на Соединетите Држави поттикна оружен бунт против Америка“, им рече Пелоси на новинарите во Капитол, додавајќи дека Трамп извршил „бунтовнички акт“.

„Му се придружувам на демократскиот лидер во Сенатот во повикот до потпретседателот да го отстрани овој претседател со итни повикување на 25-тиот амандман“, рече таа пред новинарите. „Доколку потпретседателот и Кабинетот не постапат, Конгресот може да биде подготвен да покрене импичмент.“

„Претседателот изврши незамисллив напад врз нашата нација и нашиот народ“, рече таа.

Кратко пред тоа главниот демократ во Сенатот, лидерот на малцинството Чак Шумер, се приклучи во хорот пратеници што бараат од потпретседателот Мајк Пенс да се повика на 25-тиот амандман и заедно со Кабинетот да го отстрани Трамп од функцијата. Ако не го сторат тоа, Конгресот треба повторно да се состане за по вторпат да покрене импичмент против Трамп“, рече тој.

Пелоси му постави предизвик на Трамповиот кабинет: „Прашајте го секој член на Кабинетот, дали тие стојат на овие постапки? Дали се спремни да кажат дека во следните 13 дена овој опасен човек нема да ѝ нанесе понатамошна штета на оваа земја?“

„Ние сме на опасно место во оваа земја сè додека Доналд Трамп сè уште седи во Белата куќа“, додаде таа.

Пелоси рече дека не е сигурна кога Пенс ќе одговори на нејзиниот повик за активирање на 25-тиот амандман.

„Не мислам дека ќе биде потребно многу време да се добие одговор од потпретседателот. Ќе биде да или ќе биде не“, рече таа.

„Велам дека се молам за претседателот секој ден, и тоа го правам. Синоќа беше најтешкиот ден за мене. Во 5 часот наутро, кога конечно се вратив дома, откако вечерта се молев, си реков, 'Мора да продолжиш да се молиш за него, мора да продолжиш да се молиш за него. Можеби, можеби има некаква надеж'. Но ние не смееме да го ризикуваме тоа бидејќи животот на луѓето е во прашање, како и нашата демократија“, рече таа.

Пелоси рече дека бара оставка од началникот на полицијата во Капитол, Стивен Санд, и дека безбедносниот началник на Домот Пол Ирвинг веќе поднел оставка, пренесе Ју-Ес-Еј тудеј. Ирвинг одговара директно пред Пелоси, додека Санд одговара и пред Претставничкиот дом и пред Сенатот.

Идниот лидер на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, изјави дека ќе го отпушти безбедносниот началник на Сенатот, Мајкл Стенгер.

Пратениците остро ја критикуваа полицијата во Капитол, која во средата беше совладана од толпата и не беше подготвена за тоа.

Конгресот рано утрово го потврди демократот Џо Бајден како победник на претседателските избори, неколку часа откако насилната толпа лојална на претседателот Доналд Трамп упадна во американскиот Капитол во зачудувачки обид да ги поништи изборите, да ја поткопа демократијата на нацијата и да го задржи Трамп во Белата куќа.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе

Граѓаните се преморени од бескрајните, приказни на предавници и патриоти, тирански платформи, договори со Грција, Бугарија, рекети, пописи, тендери,

повеќе

Критичкото малцинство, на 2020 година не гледа само како на година која ја донесе вирусната пандемија, туку и како на година која донесе и еден друг вид на пандемија, онаа на КОВИД-авторитаризмот.

повеќе