Пекинг: Странски сили ги поттикнуваат протестите во Хонг Конг

Кина обвини неидентификувани странски сили дека ги поттикнале насилните протести во Хонг Конг, а владата во Пекинг се закани дека тие напори на крајот ќе им се вратат „на нивна штета“.

„Хонг Конг е дел од Кина. Странските сили мора да престанат да се мешаат во случувањата во Хонг Конг“, истакна кинескиот амбасадор во Британија Лију Шјаоминг, а пренесува Ројтерс.

Тој оцени дека некои британски политичари и понатаму ја сметаат таа кинеска територија како дел од својата империја, но изрази надеж дека британскиот премиер Борис Џонсон ќе ги следи случувањата во Хонг Конг со голема воздржаност.

Лију кажа дека Кина сака случувањата во Хонг Конг да се завршат на мирен начин, но дека ако се радикализираат протестите, постои голема можност од терористички напади.

Во меѓувреме главниот опозициски лидер, кој беше притворен поради обвинувања за учество во јавни немири, е пуштен со кауција, додека владата на Хонг Конг се обидува да ги смири протестите кои парализираа дел од територијата, вклучувајќи го и меѓународниот аеродром.

Асошиејтед прес потсетува дека масовните демонстрации почнаа во јуни против предлог законот за екстрадиција, но подоцна се проширија и на други демократски барања кои беа ветени од Пекинг во 1997 година, кога Кина ја презема територијата која до тогаш беше британска колонија.

Летовите на аеродромот во Хонг Конг продолжија по масовните протести и блокади во изминатите денови. Компанијата Китај Пацифик соопшти дека откажала 272 лета, што погодило 55.000 патници. Компанијата со седиште во Хонг Конг отпушти двајца пилоти поради нивната вмешаност во протестите.

Поддржувачите на протестите најавија нови улични демонстрации, но не е јасно што ќе биде нивниот следен чекор.

Над 700 демонстранти се уапсени од почетокот на јуни. Полицијата и владата ветија дека сите „виновници“ ќе ги изнесат пред правдата и ќе преземат и „присилни акции за тие лица да се најдат пред судот“.

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе

Овој термин, без исклучок го употребуваат сите партии кога се во опозиција. СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, ДПА...

повеќе