Партиите кои се залагаат за независност на Шкотска имаат мнозинство во регионалниот парламент

Шкотската национална партија (СНП) победи на регионалните парламентарни избори, што најверојатно ќе доведе до втор референдум за одвојување на Шкотска од Велика Британија.

EPA-EFE/ROBERT PERRY

СНП освои 64 места во парламентот, објави изборната комисија во Единбург и за малку го промаши апсолутното мнозинство од 65 пратеници.

Сепак, со оглед на тоа што Зелените, кои исто така повикуваат на независност на Шкотска, освоија осум места, партиите кои се залагаат за независност имаат очигледно мнозинство.

„Уште еден шкотски референдум за независност е волјата на земјата“, рече првата министерка Никола Стурџон.

Стурџон додаде дека „кога ќе дојде време, ќе има втор референдум за независност на Шкотска од Велика Британија доколку нејзината партија освои мнозинство во парламентот“.

Во саботата, таа вети дека борбата против пандемијата сепак ќе ѝ биде приоритет, но исто така ќе се залага граѓаните на Шкотска да можат да одлучуваат за уставното прашање.

Претходно Стурџон изјави дека „секој политичар од Вестминстер, кој сега стои на патот на шкотскиот референдум за независност не се бори со СНП, туку со демократските желби на шкотскиот народ“.

Таа исто така порача дека во таа борба „нема да успеат“.

Британскиот премиер Борис Џонсон ја покани Стурџон на состанок велејќи дека ќе бидат поканети и лидерите на Велс и Северна Ирска.

„Страствено верувам дека интересите на луѓето ширум Велика Британија можат најдобро да се задоволат ако работиме заедно“, рече Џонсон во писмо до Стурџон, цитирано од Здружението на печатот.

Победата на овие избори е четврти успех на СНП, а партијата освои три места повеќе отколку во 2016 година.

Стурџон резултатите ги оцени за „историски успех“.

Другите големи партии кои учествуваа на изборите одржани во четвртокот ги вклучуваат шкотските конзервативци, лабуристи и либерални демократи - сите се против шкотската независност.

Ситуацијата веќе најавува тензии со Лондон, а Џонсон смета дека коментарите што го навестуваат тоа се „неодговорни и несовесни“, изјави тој за Дејли телеграф.

Владата во Лондон мора да одобри референдум за одвојување на Шкотска од Велика Британија.

Шкотска одржа референдум за независност во 2014 година, кога 55 проценти од луѓето гласаа да останат дел од унијата, додека 45 проценти гласаа против.

Стурџон истакна дека брегзит, кој беше отфрлен од Шкотите, ја смени ситуацијата.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE/ROBERT PERRY

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе