Папата замина во Ирак, ова е негова прва посета на таа земја

Папата Франциско утрово од Рим отпатува во историска посета на Ирак, што е негово прво патување во странство по избувнувањето на пандемијата на коронавирусот.

Фото: ЕПА

За време на четиридневната посета на земјата, папата ќе изрази поддршка за христијанската заедница и ќе се состане со највисокиот шиитски муслимански свештеник, 90-годишниот велики ајатолах Али ал-Систани.

Ова е најризичното странско патување на папата од неговиот избор во 2012 година и прва посета на еден папа во земјата.

Во авионот на Ал Италија што полета од аеродромот во Рим Леонардо да Винчи на пат кон Багдад долг околу четири и пол часа, со папата се и неговите најблиски соработници, членови на обезбедувањето и околу 75 новинари.

Ирак ќе распореди илјадници дополнителни припадници на безбедносните сили за време на посетата, по ракетните и самоубиствените напади, кои предизвикаа загриженост за безбедноста на папата.

Во средата наутро десет ракети паднаа врз воздухопловната база во која се наоѓаа американски и ирачки сили и сили на коалицијата. Неколку часа по нападот, црковниот поглавар потврди дека оди во Ирак.

Папата в недела ќе одржи миса на стадионот во Ербил во ирачки Курдистан, а ќе го посети и Мосул, поранешната престолнина на Исламска држава.

Во пресрет на својата посета папата испрати порака до Ирачаните дека доаѓа „како аџија на мирот по повеќе години војна и тероризам“.

„Доаѓам како аџија да му се молам на Господ за прошка и мир по повеќе години војна и тероризам и доаѓам кај вас како аџија на мирот“, рече папата во видеопораката објавена вчера.

„Конечно доаѓам кај вас. Толку многу сакам да ве сретнам, да ги видам вашите лица, да ја посетам вашата земја, античката и исклучителна колевка на културата“, додаде тој.

Тој исто така рече дека „сака да се моли заедно со браќата и сестрите од други верски традиции“. Тој ги нарече Ирачаните „едно семејство на муслимани, Евреи и христијани“.

„Пред очите сѐ уште ви се слики од уништени куќи и осквернавени цркви, а на срцето рани поради прекинатите врски и напуштените домови“, рече тој во дел од пораката до христијаните што сè уште живеат на ирачка територија, споменувајќи и „преголем број маченици што ги даде земјата“.

Папата нема да влегува во толпи, што инаку радо го прави, бидејќи во земјата е во сила општ карантин од петок до понеделник. За време на патувањето од место до место најверојатно ќе се движи во блиндирано возило.

Ова е 33. патување на папата и тој треба да се врати во Рим в понеделник наутро.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе