Бугарскиот премиер Кирил Петков ја префрли вината директно на Русија и на моќната мафија на неговата земја, откако на неговата влада денеска ѝ беше изгласана недоверба.
Петков, кој дојде на власт само пред шест месеци, беше изгласан поради ветувањето дека ќе се бори против неконтролираната корупција во земјата и ја турна Софија кон заземање невообичаено цврста линија против Русија по инвазијата на Украина.
При гласањето за недоверба, околу 123 пратеници од 239 во парламентот гласаа против неговиот кабинет.
Наведувајќи ги луѓето што придонеле во уривањето на неговата влада, Петков го именува рускиот амбасадор во Софија и ја обвини Русија дека влијаела тој да биде сменет преку пратениците од екстремно десничарската партија Преродба.
Денешното гласање недоверба беше поттикнато од поранешниот ТВ-водител, кој стана политичар, Слави Трифонов, кој ненадејно ја повлече својата партија „Има таков народ“ од кревката четирипартиска владина коалиција. Трифонов рече дека имало несогласувања околу буџетот и го обвини Петков дека зазема премногу мек став за да ѝ дозволи на Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ.
Партијата на Петков, а со тоа и опозицијата, сега ќе имаат можност да се обидат да добијат поддршка за функционално мнозинство. Ако ова не успее - како што изгледа веројатно - земјата ќе треба да организира четврти парламентарни избори од април 2021 досега.