Расте бројот на загинатите

„Ова не е војна. Ова е масакр“ Асад користи касетни бомби и напаѓа болници во Гута (ВИДЕО)

Режимот на Асад користи касетни бомби и ги напаѓа болниците во бунтовничката источна Гута.

Повеќе од 100 лица загинаа, а стотици беа ранети на денот на „хистеричното“ насилство во енклавата источна Гута, која е под контрола на опозицијата во Сирија.

Порастот на убиствата се должи на информациите за претстојната инвазија на режимот во оваа област кај Дамаск, во која живеат 400.000 цивили. Повеќе од 700 лица загинале за три месеци, според локалните бројки, не вклучувајќи ги загинатите минатата недела, вели Гардијан.

Четири болници, исто така, беа бомбардирани во понеделникот во источна Гута, која некогаш беше житницата на Дамаск, но со години е под опсада од страна на владата на Башар ал Асад и беше подложена на катастрофални хемиски напади.

„Го гледаме масакрот на 21 век“, вели еден лекар во источна Гута. „Ако масакрот на 90-тите години беше Сребреница, а масакрите во 1980-тите беа Халабџа, Сабра и Чатила, тогаш источна Гута е масакрот на овој век токму сега“.

„Пред некое време ми дојде дете што беше модро во лицето и едвај дишеше, а устата му беше полна со песок. Ја испразнив со раце. Мислам дека ова што ние го правиме го нема во ниеден медицински учебник. Рането дете дише со бели дробови полни песок. Ви носат дете, едногодишно, што го спасиле од урнатините и кое дише песок, а не знаете ни кое е“, додава тој.

„Сите тие хуманитарни организации и групи за права, сето тоа се глупости. И тероризмот е глупост. Што е поголем тероризам од убивање цивили со секакво оружје? Дали ова е војна? Ова не е војна. Ова се вика масакр.“

Бројот на жртвите, најмалку 110 во еден ден според локалните бројки, е резиме на немилосрдното насилство на сириската војна. По седум години и по интервенциите на регионалните и глобалните сили, хуманитарната криза се зголеми, наместо да се намали, бидејќи силите лојални на режимот на Асад и неговите руски и ирански поддржувачи бараат директна воена победа, наместо политичко решение. Хуманитарните работници соопштија дека во најновите напади во источна Гута, каде што во 2013 година загинаа 1.300 луѓе кога Асад им пушти нервен гас сарин, биле употребени и озлогласените касетни бомби. Оружјето е толку непрецизно што организациите за човекови права ја сметаат неговата употреба за воено злосторство. Покрај опсадата, режимот напаѓа и со артилерија и со борбени авиони.

„Ситуацијата во источна Гута е слична на судниот ден“, вели Мунир Мустафа, заменик-директор на Белите шлемови, волонтерска група што ги спасува луѓето од под урнатините на бомбардираните згради.

Белите шлемови соопштија дека еден од нивните волонтери, Фирас Јума, загинал во понеделникот додека спасувал луѓе по бомбашки напад.

Медицинските организации јавија дека во понеделникот биле бомбардирани најмалку четири клиники и болници, вклучувајќи и центар за породилна нега, некои од нив неколку пати, по што сега се нефункционални. Во нападите бил убиен анестезиолог.

„Бомбардирањето беше хистерично“, вели Ахмед ал-Дбис, безбедносен работник на Унијата на медицински и организации за помош (УОССМ), во која работат десетици болници во областите контролирани од сириската опозиција. „Тоа е хуманитарна катастрофа во секоја смисла на зборот. Масовни убиства од страна на луѓе што ги немаат ни најосновните принципи во животот“.

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе