Романија

Ова не е пандемија, ова е национална катастрофа (ВИДЕО)

Романскиот претседател Клаус Јоханис ситуацијата ја нарече „национална драма од страшни размери“, а Романија, заедно со Бугарија, има најниска стапка на вакцинација во ЕУ.

Фото: ЕПА

Романија се соочува со еден од најлошите бранови на коронавирусот во Европа. Ова се должи на широко распространетиот скептицизам кон вакцините, но и на неспособноста на претседателот и владата да го убедат народот во потребата од вакцинација.

Видеото од Универзитетската клиника во романската престолнина Букурешт е тешко за гледање. На Одделот за интензивна нега нема слободни кревети, ходниците се преполни со пациенти што чекаат, медицинскиот персонал ги вози мртвите во црни најлонски кеси.

Амбулантните возила постојано носат нови пациенти. Речиси сите се стари лица, главно оние што не се вакцинирани против коронавирусот. Многумина едвај дишат, а некои велат дека и покрај сѐ не би се вакцинирале. Еден лекар коментира: „Овој наплив на пациенти е поврзан со негрижата и неинформираноста на луѓето. Политичарите треба да бидат многу поупорни. Доколку се загрижени за благосостојбата на гласачите, треба постојано да им се кажува да одат и да се вакцинираат.“

Видеоснимките од Универзитетската клиника во Букурешт се без коментар и траат 16 минути. Тие имаат наслов: „Вака изгледа здравствена катастрофа“. Романскиот интернет-портал „Рекордер“ ги објави минатата недела, пишува „Дојче веле“.

Она што е прикажано на видеото во една клиника во моментов се случува во болниците низ цела Романија. Таа земја се соочува со еден од најлошите бранови на коронавирусот во Европа. Речиси секој ден се поставуваат нови рекорди. Во вторникот (19 октомври) беше објавено дека во претходните 24 часа се регистрирани речиси 19.000 нови случаи на инфекција и дека 574 лица починале како последица на коронавирусот.

„Ние не сме само во пандемија, ние сме во катастрофа“, рече во вторникот претседателот на Колегиумот на романски лекари, Даниел Кориу. Минатата недела напишаа отворено писмо со наслов „Врисок од очај“, во кое ја опишаа катастрофата на здравствениот систем.

Тоа воедно е и катастрофа што се случува во заднината на сериозна политичка криза: по неколкумесечни спорови, социјално-либералната влада на премиерот Флорино Читу беше соборена во почетокот на октомври, и тоа така што ѝ беше изгласана недоверба. Може да поминат недели и недели пред да се формира нова коалициска влада.

„Нашето искрено сочувство, Романијо!“ - беше насловот на текстот објавен на порталот „Хотњус“, кој пишува за катастрофалната здравствена и политичка криза во земјата.

Романија и не е единствениот случај во Европа. Латвија, Литванија и Бугарија во моментов бележат висока инциденца и број на смртни случаи дневно. Она што ја издвојува Романија од другите земји на ЕУ е тоа што нејзиниот здравствен систем е преоптоварен како ниеден друг и дека, според многу директори и лекари на болниците, тој е на работ на колапс.

Во исто време, Романија, заедно со Бугарија, има најниска стапка на вакцинација против коронавирусот во ЕУ. Само околу 30 отсто од населението се целосно вакцинирани - значително помалку од половина од просечниот број вакцинирани во ЕУ. Скептицизмот кон вакцините е распространет феномен, кој го поддржуваат националистичките политичари, како и влијателната Романска православна црква.

Романскиот претседател Клаус Јоханис, обраќајќи му се на населението со сериозни зборови, ја нарече ситуацијата „национална драма од страшни размери“ и најави итен состанок на сите оние што одлучуваат за пандемијата. Шефот на државата вината ја префрли на масовниот скептицизам кон прашањето за вакцинацијата, но и на „непостоењето конкретни потези на властите“. Тој воедно апелираше и до населението да се вакцинира.

Некои коментатори рекоа дека неговиот говор е циничен - затоа што Јоханис и владата предводена од сега привремениот премиер Флорин Читу, а поддржана од претседателот, со месеци дејствуваа хаотично кога се работеше за справувањето со пандемијата, занемарувајќи ја, па дури и минимизирајќи ја опасноста од коронавирусот, пишува „Дојче веле“.

Во јуни Јоханис оцени дека кампањата за вакцинација е „успешна“ и рече дека на пандемијата ѝ дошол крајот. Флорин Читу, исто така, во јуни рече дека пандемијата е „елиминирана“ - иако експертите во тоа време веќе предупредуваа дека треба да се направат подготовки за четвртиот бран на коронавирусот.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Дали и колку градовите им служат на интересите на своите граѓани (демократија) или на елитите кај кои се концентрира капиталот (авторитарност)?

повеќе

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе