Отворен патот за поткопување на правниот поредок на ЕУ

Минатонеделната одлука на германскиот Уставен суд да ја заобиколи одлуката на Европскиот суд за монетарна политика е еден од најголемите предизвици со кои досега се соочил највисокиот суд на ЕУ, велат експертите.

Во соопштение во петокот, кое експерт од ЕУ го опиша како „повик за помош“, Европскиот суд на правдата предупреди дека правниот поредок на блокот може да биде загрозен.

Урсула фон дер Лаен, претседателката на Европската комисија, вчера изјави дека поради одлуката на судот во Германија ЕК може да поведе законска постапка против Берлин.

„Неодамнешната одлука на германскиот уставен суд ги става во прв план двете теми на Европската Унија: евросистемот и европскиот правен систем“, рече таа во вчерашната изјава.

„Ние сега детално ја анализираме одлуката на германскиот уставен суд. Ќе ги разгледаме можните следни чекори, кои може да вклучуваат можност за поведување судска постапка за кршење на регулативите“, рече таа.

Ова би значело дека случајот против Германија за кршење на законот на ЕУ може да се покрене пред Судот на правдата во Луксембург, кој може да побара од Берлин да ја измени одлуката или да се соочи со парична казна.

Сепак, како што пишува Фајненшл тајмс, најголемата опасност демне од исток, каде што Варшава и Будимпешта веќе имаат правни спорови со Брисел и веројатно пркосот на германскиот Уставен суд ќе ги охрабри.

Експертите стравуваат дека судовите во другите земји, исто така, ќе почнат да се пресметуваат со Европскиот суд на правдата.

„Техниката што ја употребија Германците, да бидат во можност да си судат сами на себе, наместо да го слушаат судот во Луксембург, е опасна“, рече за Фајненшл тајмс Кис Стерк, угледен холандски судија и претседател на Европската мрежа на судски совети, кој ги претставува судските совети низ цела Европа.

„Се обидоа да не го уништат системот во Европа, но јас сум скоро целосно убеден дека успеаја да го уништат“, рече Стерк.

Имено, во вторникот Судот во Карлсруе ѝ даде на Европската централна банка три месеци за да ја оправда својата програма на стимуланси во еврозоната или, како што се вели во одлуката на Судот, Бундесбанката може да ја напушти програмата.

Како одговор на одлуката на германскиот Уставен суд, Европскиот суд на правдата - кој претходно даде зелено светло за програмата на ЕЦБ - и Европската комисија соопштија дека правото на ЕУ има примат пред националните регулативи. Според Ројтерс, тие додаваат дека одлуките на Европскиот суд на правдата се обврзувачки за сите судови во 27-те членки на блокот.

Мигел Мадуро, професор во Школата за транснационална управа на институтот на Европскиот универзитет, за Фајненшл тајмс изјави дека иако во минатото имало судири меѓу националните судови и Европскиот суд на правдата, ова е досега невидена ескалација.

„Ова е отворен предизвик што германскиот Уставен суд го упати до Европскиот суд на правдата и затоа е толку ризичен“, рече тој.

Судирот веднаш ги исфрли на преден план Полска и Унгарија, со оглед на нивните постојни спорови со европските институции. Двете држави се соочуваат со законски процедури според членот 7 од договорот на ЕУ, поради што може да го изгубат своето право на глас како членки на блокот, иако ветија дека заемно ќе се штитат.

Политичарите од владејачката полска Партија на правото и правдата, која честопати ја обвинуваше ЕУ дека ги пречекорила своите овластувања за време на петгодишната борба околу промените во полското судство, веднаш ја грабнаа шансата да ја пофалат германската одлука.

Матеуш Моравјецки, полскиот премиер, за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг изјави дека одлуката на судот во Карлсруе е „една од најважните“ во историјата на ЕУ и дека е утврдено дека „Европскиот суд на правдата нема неограничена моќ“.

Јулија Пржилебска, шефицата на Уставниот суд на Полска, кого Партијата за право и правда практично го неутрализира во 2016 година, исто така повлече паралели помеѓу германскиот конфликт со ЕУ и полскиот спор со Брисел.

„Националните уставни судови се судовите што го имаат последниот збор“, рече таа откако беше објавена пресудата.

Стерк стравува дека полската влада сега ќе биде охрабрена да ги игнорира пресудите на Европскиот суд на правдата кога станува збор за нејзините промени во правосудството, како што е наредбата минатиот месец да се суспендира новата дисциплинска комора за судии, за која Европскиот суд на правдата смета дека не е независна.

Унгарската влада, предводена од премиерот Виктор Орбан, досега не им пркосеше отворено на пресудите на Европскиот суд на правдата.

Меѓутоа, Марта Пардави, копретседавач на Хелсиншкиот комитет во Унгарија, за Фајненшл тајмс изјави дека пресудата на Уставниот суд на Германија е исклучително важна.

„За владите што не сакаат да го почитуваат правото на ЕУ, вклучувајќи го владеењето на правото и основните вредности, оваа пресуда е нешто што тие сигурно ќе го проучат за да видат како може да се користи во правни прашања што не се конкретно поврзани со оваа област“, рече таа.

Првиот тест на одлуката од Карлсруе ќе се одржи оваа недела кога Европскиот суд на правдата ќе пресуди во случајот против унгарските правила за азил, вклучително и притворот на баратели на азил во таканаречените транзитни зони, граничните области, и на уште една одлука со која се дозволува исфрлување на секој кандидат што доаѓа од Србија.

Во прелиминарната одлука Европскиот суд на правдата утврди дека приведувањето на мигрантите во транзитните зони всушност е „притвор“ што „мора да се карактеризира како незаконско“.

Унгарската министерка за правда, Џудит Варга, одговори инсистирајќи на тоа дека сите регулативи во нивната земја се во согласност со оние во ЕУ и меѓународното право.

Во интервјуто за еден од водечките провладини весници изминатиот викенд, Варга рече дека одлуката на германскиот суд претставува преседан што се однесува на националниот суверенитет, тврдејќи дека „фактот што Европскиот суд на правдата и Европската Унија се прегласани е исклучително важен“.

Европската централна банка и Берлин сега се обидуваат да ги формулираат реакциите на одлуката на германскиот суд. Германскиот министер за финансии, Олаф Шолц, во петокот се обиде да ги убеди своите европски колеги, велејќи дека ќе најде решение што ќе ѝ овозможи на Бундесбанката да остане во програмата за откуп на обврзници, изјавиле дипломати за Фајненшл тајмс.

Во вчерашното соопштение на Фон дер Лаен се нагласува колку сериозно Европската комисија ја сфаќа оваа закана, но експертите предупредуваат дека покренувањето правна постапка - кое би требало да го прифати целата Комисија - би било ризично со оглед дека ЕК ќе ѝ се спротивстави на германската влада, а не на Уставниот суд, што би го натерало Берлин да се брани од Брисел.

За многу политичари оваа состојба е мрачна. „Според моето мислење, оваа пресуда покажува дека ние долгорочно сме на нестабилна основа во Европската Унија“, рече Манфред Вебер, лидерот на централно-десничарската Европска народна партија во Европскиот парламент.

„Во прашање е супериорноста на законот на ЕУ, а тоа е закон што го одржува единствениот пазар и им дава доверба на инвеститорите да инвестираат во сите делови на ЕУ. Политичарите што ја слават оваа одлука треба да бидат претпазливи во врска со она што всушност посакуваат“, изјави Вебер за Фајненшл тајмс.

Објавено

Понеделник, Мај 11, 2020 - 18:25

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе