Шефицата на извршното тело на Европската унија рече дека Унијата е подготвена да се бори против омикрон, имајќи предвид дека 66,6 отсто од населението на ЕУ е целосно вакцинирано против коронавирус.
Фон дер Лејен додаде дека е убедена дека ЕУ има и сила и средства да го победи ковид, но го изрази своето разочарување што пандемијата повторно ќе ги наруши празниците.
„Како и многумина од вас, тажна сум бидејќи пандемијата повторно ќе го засени Божиќ“, рече фон дер Лајен, пренесе АП.
Таа додаде дека Европската унија сега се соочува со двоен предизвик - голем пораст на бројот на случаи во последните недели поради делта варијантата, но и доаѓањето на варијантата омикрон.
„Гледаме дека голем број луѓе се разболуваат, значително се оптоварени болниците и, за жал, зголемен е бројот на смртни случаи“, рече таа.
Но, таа додаде дека зголемувањето на бројот на заразени сепак се должи првенствено на ширењето на делта варијантата.
„Она што ме загрижува е што сега на хоризонтот гледаме нова варијанта, омикрон, која според сите проценки е уште позаразна“, рече шефицата на Европската комисија.
Благодарение на високите стапки на вакцинација во многу земји-членки на Унијата и достапноста на вакцините, Фон дер Лајен рече дека Европа сега се наоѓа во подобра позиција. Таа додаде дека повеќе од 300 милиони луѓе во ЕУ се целосно вакцинирани, а 62 милиони луѓе примиле и бустер доза.
„Првите податоци за омикрон покажуваат дека три дози се најдобрата заштита од новата варијанта“, рече таа.