Муслиманската пратеничка

Омар вели дека ѝ зачестиле смртните закани по твитот на Трамп

Илан Омар вели дека се соочува со зачестени смртни закани откако претседателот Доналд Трамп сподели видео што наводно покажува дека таа го намалува значењето на терористичките напади во 2001 година.

„Ова загрозува животи“, рече таа, обвинувајќи го Трамп за поттикнување на десничарскиот екстремизам. „Мора да престане“.

Нејзината изјава доцна во неделата следуваше откако претседателката на Домот, Ненси Пелоси, рече дека презела чекори да ја осигури безбедноста на демократката од Минесота и го повика Трамп да го отстрани видеото.

Набргу по изјавата на Пелоси, видеото беше тргнато од местото најгоре на твитер-фидот на Трамп, но не беше избришано.

Пелоси беше меѓу демократите што го критикуваа Трамп за твитот, а некои го обвинија дека се обидува да поттикне насилство против муслиманската пратеничка. Неодамна, еден маж од северен Њујорк беше обвинет за смртни закани против неа.

„Зборовите на претседателот тежат еден тон, а неговото ширење омраза и воспалителна реторика создаваат вистинска опасност“, рече Пелоси. „Претседателот Трамп мора да го отстрани своето неучтиво и опасно видео“.

Прес-секретарката на Белата куќа, Сара Сандерс, претходно во неделата го бранеше Трамп, велејќи дека претседателот има должност да истакне дека Омар во минатото давала коментари што другите ги сметаат за антисемитски или на друг начин навредливи и дека тој не бил „злонамерен“ кон пратеничката, на која ова ѝ е прв мандат.

Но Омар рече дека откако Трамп го ретвитувал видеото во петокот вечерта, таа добила многу закани за нејзиниот живот во кои се споменувало постираното видео.

„Насилните злочини и другите акти на омраза од страна на десничарските екстремисти и белите националисти се во пораст во оваа земја и во светот“, рече таа. „Ние повеќе не можеме да го игнорираме тоа што тие се охрабрени од човекот што е на највисоката функција во земјата“. Таа рече: „Сите ние сме Американци“.

Видеото во твитот на Трамп содржи и дел од неодамнешниот говор што Омар го одржала пред Советот за американски исламски односи, во кој таа го опишува терористичкиот напад на Светскиот трговски центар на 11 септември 2001 година како „некои луѓе направија нешто“, на фонот на вести за киднапираните авиони што удрија во Кулите-близначки. Трамп во твитот напиша: „НИКОГАШ НЕМА ДА ЗАБОРАВИМЕ!“

Критичарите ја обвинуваат Омар дека многу лекомислено ги опишала сторителите на нападите во кои загинаа речиси 3.000 луѓе. Таа подоцна се обиде да се одбрани твитувајќи цитат од претседателот Џорџ Буш, во кој републиканскиот претседател ги нарече напаѓачите „луѓе“ само неколку дена по 11 септември.

Ниту твитот на Трамп, ниту видеото не го содржат целосниот цитат на Омар или контекстот на нејзините коментари, кои се однесуваа на муслиманите што чувствуваат дека нивните граѓански слободи се уништени по нападите. Твитот стоеше најгоре на твитер-фидот на Трамп поголем дел од вчерашниот ден, со повеќе од 9 милиони прегледи. Го симнаа подолу откако Пелоси побара видеото да биде повлечено.

Омар постојано ги доведува колегите-демократи во непријатни ситуации со коментарите за Израел и силата на влијанието на еврејската држава во Вашингтон, вели Асошиејтед прес. Таа се извини за сугестијата дека пратениците го поддржуваат Израел за пари и рече дека не ги критикува Евреите. Но одби да го избрише твитот во кој сугерира дека американските поддржувачи на Израел ѝ се „обврзуваат на верност“ на странска држава.

Културата на победништво од нашите епски и херојски денови тотално ги уназади овие општества во 20 век, вели Миљенко Јерговиќ во интервју за Бука.

повеќе

Запрашајте се, о, вие, бездарници анационални што направивте!

повеќе

Додека Бугарите се убедуваат себеси и нас дека Гоце Делчев бил Бугарин, да се потсетиме на некои од Гоцевите искажувања, кои ја одразуваат неговата големина и неговото визионерство.

повеќе