Исчезнале околу 200 деца без старатели што побарале азил во Британија и биле сместени во специјални хотели со кои управува Министерството за внатрешни работи, изјави денеска министерот за внатрешни работи Сајмон Мари.
„Министерството за внатрешни работи нема надлежност да приведува деца без старатели што побарале азил и се сместени во хотели, а се знае дека дел од нив исчезнале. Голем број од нив што беа пријавени како исчезнати се пронајдени, но 200 деца сѐ уште се пријавени како исчезнати“, рече Мари во обраќањето до Домот на лордовите.
Според него, околу 88 отсто од овие деца се со албанско потекло и дошле во Британија без старатели.
Британскиот дневен весник Гардијан минатата недела напиша дека банда киднапирала неколку десетици деца од хотелот „Брајтон“ и дека многумина од улица недалеку од хотелот биле однесени и пикнати во автомобили.