Веста за поскапување на енергијата, бензинот, патарините и автомобилското осигурување беше објавена нешто пред полноќ.
Струјата за домаќинствата во 2022 година порасна за 50 отсто, а за индустријата дури 125 отсто, објави Регулаторната агенција за енергетскиот пазар, со објаснување дека пораснале цените на енергијата на светскиот пазар.
Цената на природниот гас скокна за 25 отсто за домаќинствата и 50 отсто за индустријата, соопшти националниот дистрибутер БОТАС.
Куповната моќ на турските потрошувачи е во пад поради инфлацијата која порасна за повеќе од 21 отсто и падот на вредноста на турската лира по серијата кратења на каматите.
Во Истанбул, малопродажните цени се зголемија за речиси 35 отсто во декември во однос на претходната година, што е најмногу во последните години, соопшти Истанбулската стопанска комора.
Новите поскапувања дополнително ќе ја зголемат инфлацијата. Турската лира за една година ослабе речиси 45 отсто во однос на американскиот долар.
Поскапувањата ги критикуваше опозицијата: „Ердоган... ги принудуваш луѓето да проголтаат огромни поскапувања на почетокот на новата година“, коментираше на Твитер лидерот на главната опозициска партија ЦХП (Републиканска народна партија) Кемал Киличдароглу.