Низ целите Соединети Американски Држави

Одржани најголемите протести за убиството на Флојд досега (ВИДЕО)

Демонстрантите во саботата се собраа во голем број урбани центри, во Њујорк, Атланта, Филаделфија, Чикаго, Лос Анџелес, Сан Франциско, Сиетл, Бостон и Мајами, но и во помалите рурални области низ целата земја.

Десетици илјади демонстранти во саботата се собраа во Вашингтон и во другите американски градови, повикувајќи ги властите да престанат со расизмот и полициската бруталност, откако протестите по смртта на Џорџ Флојд во Минеаполис, за која е одговорна полицијата, влегоа во дванаесеттиот ден.

Демонстранти се собраа пред споменикот на Абрахам Линколн во Вашингтон и нивната протестна прошетка кон Белата куќа ги одбележа досега најголемите протести во земјата од објавувањето на видеото на кое се гледа како бел полицаец му клекнува на врат на невооружен црнец со лисици на рацете и го задавува.

Демонстранти во саботата се собраа во голем број градски центри, во Њујорк, Атланта, Филаделфија, Чикаго, Лос Анџелес, Сан Франциско, Сиетл, Бостон и Мајами, но и во помалите рурални области низ целата земја.

„Имам впечаток дека на овој начин станувам дел од историјата и дел од група луѓе што се обидуваат да го променат светот за доброто на сите нас“, рече еден жител на Вашингтон што се приклучи на демонстрациите во близина на Белата куќа.

 

Демонстрации и во градот во Тексас што беше поврзан со Кју клакс клан

Едно од најголемите изненадувања беше собирот на 150 до 200 демонстранти како дел од движењето „Црнечките животи се важни“ во гратчето Видор во источен Тексас, познато по долгогодишната поврзаност со Кју клакс клан.

Протестите во саботата беа многу „поопуштени“ во споредба со многу пожестоките, иако претежно мирни демонстрации одржани претходните денови. Седмицата почна со повремени епизоди на предизвикување пожари, грабежи и вандализам, за што властите и активистите најмногу ги обвинуваат надворешните влијанија и криминалните импулси.

Властите повремено прибегнуваа кон жестоки тактики настојувајќи да воведат полициски час во некои градови, меѓу кои и во Њујорк и Вашингтон, каде што полицијата ги растеруваше насобраните демонстранти. Сепак, тие судири само го зајакнаа фокусот на протестите на поширок поглед кон настаните чија долгорочна цел се далекосежни реформи во системот на кривично право, како и односот на системот кон расните малцинства.

Интензитетот на протестите почна да опаѓа во средата, откако властите во Минеаполис ги уапсија сите четворица полицајци вклучени во смртта на Флојд.

 

Најголемиот протест досега

Сепак, во саботата се случија најголемите протести досега. Десетици илјади луѓе се собраа во главните градови на Соединетите Држави, и покрај здравствениот ризик од заразување со коронавирус, иако официјалните податоци за одѕивот на граѓаните сè уште не се достапни.

Голем број демонстранти промаршираа покрај универзитетската болница „Џорџ Вашингтон“, само неколку блока подалеку од Белата куќа, извикувајќи: „Рацете се горе, не пукајте!“, „Маршираме заради надеж, не заради омраза“ и „Не можам да дишам“.

Во родниот град на Флојд, Рафорд, во Северна Каролина, стотици жители чекаа пред црквата каде што беше изложено телото на Флојд, сакајќи да му оддадат почит.

Во Њујорк во саботата попладне голем број демонстранти по Бруклинскиот мост пристигнаа во Долниот Менхетн. Во мирна прошетка, тие поминуваа претежно низ празен Бродвеј. Илјадници луѓе се собраа во Харлем, од каде што се упатија кон центарот на градот, преминувајќи стотина градски блока до плоштадот Вашингтон.

Во Филаделфија демонстрантите се собраа пред градскиот Музеј на уметноста, извикувајќи „Ако нема правда, нема ни мир“.

 

Се придружи и градоначалничката на Вашингтон

Меѓу демонстрантите насобрани на само еден блок од плоштадот пред Белата куќа, кој градоначалничката на Вашингтон, Муриел Баузер претходниот ден го преименува Плаза блек лајвс метр (Црнечките животи се важни), имаше речиси празнична атмосфера.

На демонстрантите им се придружи и градоначалничката, жестока и гласна критичарка на Трамповата реакција на протестите. На гласна музика од звучниците демонстрантите ги пееја „Sweet Caroline“ од Нил Дајмонд и „Alright“ од Кендрик Ламар.

Имаше многу помалку полицајци од минатата недела и тие не беа толку агресивни, па и беа облечени во службени патролни униформи и не носеа шлемови ниту непробојни елеци.

Објавено

Недела, Јуни 7, 2020 - 11:11

Ако идниот премиер биде македонски Албанец и ако успее сите граѓани на Македонија да се поклонуваат под едно знаме, тогаш – зошто да не!

повеќе

Стана премногу вообичаено да се слушнат повици за брза и сериозна одмазда како одговор на недокажани престапи на говорот и мислата, велат Ноам Чомски, Џ.К. Роулинг и 150 други интелектуалци во отворено писмо до јавноста.

повеќе

Додека повеќето земји во светот се соочуваа со двојна, здравствена и економска криза, Косово преминуваше во тројна криза заради политичките случувања.

повеќе