Величествените животни, кои можат да тежат и до два тони, патувале околу 3.400 километри од јужноафриканскиот приватен резерват за диви животни Финда во рамки на програмата за обнова на популацијата на реткиот вид бели носорози, десеткувани од ловокрадците уште од седумдесеттите.
Некогаш бројниот животински вид во подрачјето на супсахарска Африка, популацијата на белиот носорог најпрво била изложена на лов на европските доселеници, а подоцна на своевидната епидемијата на ловокрадење која речиси целосно ги уништи.
По повеќемесечните подготовки носорозите го почнале своето 40-часовно патување до новиот дом во Националниот парк Акагера во источна Руанда, соопштија од Африкан паркс, добротворната организација на чие чело е британскиот принц Хари, и самиот учесник во оваа акција.
„Најпрво моравме да ги смириме за да ги намалиме нивниот стрес и страв, што само по себе е ризично, а потоа постојано беа под наш надзор“, кажа извршниот директор на Африкан паркс Питер Фернхед, оценувајќи го проектот како успешен.
Животните се пренесени со боинг 747 и потоа по пат до паркот, а по пристигнувањето биле сместени во два оградени простори, од кои секој со големина на фудбалски стадион. Откако ќе се привикнат на новата средина, ќе им биде дозволено да талкаат по паркот.
„На овој начин им даваме прилика да пораснат и да живеат во безбедно опкружување, за разлика од она во Јужноафриканската Република, каде ловокрадците дневно убиваат до три бели носорози“, кажа регионалниот управител на паркот Џес Грунер.
Трансферите на диви животни носат и одреден ризик. Во 2018 година четири од шест црни носорози угинале неколку месеци откако ги преместиле во Чад.