Украинските приоритети, според листата претставена на средбата, се повеќецевни ракетни фрлачи, артилериски оружја и системи за противвоздушна одбрана.
Министрите за одбрана на НАТО членките расправаат за оружјето кое го бара Киев, односно како членките на западниот воен пакт можат да ѝ помогнат на Украина во војната.
Што се однесува до повеќецевните ракетни фрлачи, на украинската листа е наведено дека на Украина ѝ се потребни „дополнителни ракетни системи по НАТО стандарди и муниција за нив“. Што се однесува до артилеријата, на листата е наведено дека на Киев му треба уште муниција за статични и самоодни хаубици, нестандардни хаубици и „големи количества гранати од 155, 152 и 122 милиметри“.
Третиот приоритет е противвоздушната одбрана. Конкретно, Киев бара проектили за системи за противвоздушна одбрана од среден дострел кои во моментов ги користи, С-300 и С-11. На листата е наведено и дека Украина „сака да премине на западните системи на противвоздушна одбрана кои нудат заштита во повеќе слоеви“, а бара и да ѝ се достават системи за противвоздушна одбрана со краток дострел од советско време.
Украина веќе некое време бара повеќе системи за противвоздушна одбрана, а потребата за таквите системи никогаш не била поголема бидејќи Русија успешно користи ирански дронови камикази. Други украински приоритети се радари, системи за одбрана на брегови, тенкови и опрема за електронско војување, наведува Си-ен-ен.