Објавени нови детали за нападот врз синагогата: „Ова е голем срам за Германија“

Германското државно обвинителство го окарактеризира вчерашниот напад врз синагогата во Хале како терористички напад, а министерот за внатрешни работи на Германија Хорст Зехофер најави денес подобра заштита на Евреите во Германија.

„Она што го доживеавме вчера е чист тероризам. Врз основа на она што ни е во моментов познато, 27-годишниот напаѓач Штефан Балиет планирал да изврши колеж во синагогата во Хале“, изјави денес главниот државен обвинител Петер Франк во Карлсруе.

Германската министерка за правосудство Кристине Ламбрехт изјави дека напаѓачот во својот автомобил превезувал поголемо количество оружје и четири килограми експлозив. Таа кажа дека напаѓачот дејствувал од „антисемитски и радикално десничарски“ побуди.

Напаѓачот се обидел насилно да ја отвори вратата на синагогата во Хале во која во тој момент се наоѓале педесетина верници кои таму го славеле празникот Јом кипур.

Откако тоа не му пошло од рака, тој на улица во еден локал убил една жена и еден маж. Беше уапсен по повеќечасовна потера. Засега му се припишуваат двојно убиство и обид за убиство во девет случаи.

Според главниот обвинител, напаѓачот со директниот пренос на нападот и објавениот манифест се обидел да оствари исто влијание врз истомислениците низ светот како и напаѓачот во џамијата во Крајстчрч на Нов Зеланд.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер кажа дека нападот во Хале е „голем срам“ за Германија.

„Такво нешто по Втората светска војна не би смеело да се случи. Германија по холокаустот даде ветување „Никогаш повеќе““, кажа Зехофер.

Тој најави поинтензивна заштита на еврејските објекти во Германија.

„Ние мора да ѝ погледнеме на вистината во очи и да си признаеме дека опасноста од антисемитизмот и десниот екстремизам е голема“, кажа Зехофер.

Германската канцеларка Ангела Меркел претходно изрази шокираност од извршениот напад и изрази солидарност со еврејската заедница во Германија.

„Ние сме среќни поради секоја синагога и секој облик на еврејски живот во Германија“, кажа Меркел.

Луѓето можете и ги задржите во сопствената земја - ако им е добро.

повеќе

ЕУ треба принципиелно да реагира на отворениот национал-шовинизам на бугарскиот парламент, се вели во отвореното писмо на македонски академици и професори до европретставниците во Македонија.

повеќе

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе