Кралицата почина на 8 септември во замокот Балморал во Шкотска. Таа имаше 96 години. Посмртницата на кралицата беше објавена денеска од шкотскиот национален регистар. Нејзината смрт ја пријави нејзината ќерка, принцезата Ана, на 16 септември.
Кралицата Елизабета Втора беше најдолговечниот британски владетел и најстариот монарх во светот. На почетокот на оваа година таа прослави седумдесет години на тронот.
Нов британски крал стана Чарлс, човекот кој најдолго го чекаше тронот во историјата на монархијата стара илјада години. Тој ќе ја носи титулата Чарлс Трети.
„Во текот на животот, мојата сакана мајка беше инспирација и пример за мене и за целото мое семејство. Најискрено ѝ должиме, како и секое семејство на својата мајка, за нејзината љубов, наклонетост, водство и пример. Нејзината посветеност и лојалност како суверен никогаш не се поколеба, во време на промени и напредок, во време на радост и прослави како и во време на тага и загуба“, рече Чарлс по смртта на кралицата.