Објавен извештајот на Вашингтон: Саудискиот принц престолонаследник одобрил „фаќање или убиство“ на Кашоги

Во извештајот на американските разузнавачки служби за убиството на Џамал Кашоги е наведено дека престолонаследникот на Саудиска Арабија Мухамед бин Салман одобрил фаќање или убиство на саудискиот новинар.

EPA-EFE

„Проценивме дека престолонаследникот на Саудиска Арабија Мухамед бин Салман ја одобрил операцијата во Истанбул во Турција чија цел била грабнување или убиство на саудискиот новинар Џамал Кашоги“, се наведува во сижето на извештајот.

„Оваа проценка ја темелиме на големата контрола врз донесувањето одлуки која ја има престолонаследникот, директното учество на клучниот советник и припадник на заштитата на Мухамед бин Салман во самата операција и склоноста на престолонаследникот да користи насилство за да ги замолчи неистомислениците во странство, вклучувајќи го Кашоги“, се додава.

Администрацијата на Бајден го објави денес долгоочекуваниот извештај за убиството на Кашоги. Неговото објавување го наложи Конгресот, а излезе во јавноста откако во четвртокот претседателот Џо Бајден разговараше со саудискиот крал Салман бин Абдулазиз ал Сауд, наведува Си-ен-ен.

Конзервативниот новинар и колумнист на Вашингтон пост беше убиен откако влегол во саудискиот конзулат во Истанбул во октомври 2018. Саудијците на почетокот тврдеа дека Кашоги излегол од конзулатот и дека бил убиен во тепачка со „одметнати“ саудиски агенти, но на крајот саудискиот јавен обвинител призна дека убиството на Кашоги било испланирано.

Во јуни 2019 беа објавени резултатите на независната истрага во која се наведува и виновникот: Саудиска Арабија, според меѓународното право, е одговорна за „вонсудското убиство“ на Кашоги.

Меѓутоа, специјалната известувачка на ОН тогаш не изнесе заклучоци за вината на саудискиот принц престолонаследник Мухамед бин Салман.

Си-ен-ен во декември 2018 пишуваше за тракскриптот на аудиоснимката на убиството на Кашоги кога ги објави неговите последни зборови: „Не можам да дишам“.

Убиството на Кашоги предизвика дипломатска криза за саудискиот режим кој веќе има многу лоша меѓународна репутација поради кршењето на човековите права и воената акција во Јемен. Многу дотогашни саудиски сојузници се дистанцираа од Ријад, а најавуваниот самит кој се одржа неколку недели по убиството, таканаречениот Давос во пустина, се претвори во дебакл откако многу угледни гости го откажаа учеството.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе