Тројцата поранешни претседатели веруваат дека со таквата кампања ќе испратат силна порака до граѓаните, бидејќи здравствените власти се обидуваат да ја убедат јавноста да се вакцинира.
Фреди Форд, шеф на кабинетот на Буш, рече дека Буш контактирал со д-р Антони Фаучи, директорот на Националниот институт за алергии и инфективни болести и д-р Дебора Биркс, координаторка во Белата куќа за коронавирусот, за да види дали може да помогне во промовирањето на вакцината.
„Пред неколку недели, претседателот Буш ми рече да им пренесам на д-р Фаучи и д-р Биркс дека тој сака да знае што може да стори за да ги охрабри граѓаните да се вакцинираат“, рече Форд.
Секретарот за медиуми на Клинтон, Анхел Урења, во средата рече дека неговиот шеф исто така е подготвен јавно да се вакцинира.
„Претседателот Клинтон дефинитивно ќе се вакцинира веднаш штом вакцината ќе биде достапна, во зависност од приоритетите што ќе ги донесат здравствените власти. И ќе го стори тоа јавно ако е тоа од помош“, рече Урења.
И Обама денес во интервју изјави дека ако д-р Фаучи рече дека вакцината е бебедна ќе му верува.
„Целосно им верувам на луѓето како Антони Фаучи, кој го познавам и со кој соработував. Можеби ќе ја примам на телевизија или ќе се снимам, за луѓето да знаат дека ѝ верувам на оваа наука“, рече тој.
Семејството Буш и претходно се здружувало со други претседатели за да промовира некои цели. Родителите на Буш - поранешниот претседател Џорџ Буш постариот и Барбара Буш - патувале со комерцијален лет по терористичкиот напад во 2001 година за да ја промовираат безбедноста на летот. Џорџ Буш постариот и Клинтон работеле заедно за да соберат средства за добротворни цели, како на пример за областите разурнати по ураганот Катрина во 2005 година. И Обама сега се обидува да ја искористи својата позиција за да учествува во јавни кампањи.