Шолц, наследникот на канцеларката Ангела Меркел од почетокот на декември, ги повика сите Германци да се вакцинираат во време на пораст на бројот новозаразени во Германија.
„Брзината е сега важна. Мораме да бидеме побрзи од вирусот“, рече Шолц додека во земјата се шири омикрон варијантата на вирусот.
„Ајде да сториме заедно сè - и мислам навистина сè - во новата година конечно да го победиме коронавирусот“.
Шолц замоли за разбирање поради значително построгите рестриктивни мерки кои стапија на сила во Германија, вклучително и ограничувања на приватните собири. Новата варијанта на вирусот се шири побрзо од претходните, предупреди социјалдемократот.
„Ве молиме, сфатете ги овие мерки сериозно. За ваша заштита, за заштита на вашите семејства. За заштита на сите нас“, рече тој.
Канцеларот ги повика критичарите на државните мерки, од кои некои во последните недели беа насилни, да ги почитуваат различните ставови, пренесува дпа.
Секогаш ќе има различни мислења, рече Шолц, но „силна заедница може да ги надмине сите противречности ако се слушаме и почитуваме“.
Покрај борбата против пандемијата, најголемиот предизвик за следната година ќе биде поставувањето на темелите за германскиот напредок, рече канцеларот.
„2020 година ќе биде деценија на нови почетоци“, изјави лидерот на коалицијата на левиот центар, која сака да ја трансформира германската економија.
„Ќе можеме да управуваме со големите промени на нашето време колективно и заеднички ако се држиме заедно како општество“, заклучи тој.