Дипломати тврдат дека Брисел не брза

Ново одложување на брегзитот? ЕУ одолговлекува додека Џонсон не добие поддршка

Европската Унија ќе се потруди да добие на време наместо да брза со одлуката за барањето кое британскиот премиер Борис Џонсон неволно го испрати за ново одложување на брегзитот, соопштија дипломати за Ројтерс.

Поделениот британски парламент одби да гласа за новиот договор за разидување со ЕУ, потег кој го примора Џонсон да бара трето одложување на британското излегување од блокот, предвидено за 31 октомври.

На вчерашната средба на амбасадорите на 27 членки кои ќе ја сочинуваат ЕУ по брегзитот, дипломатите решија да го проследат Џонсоновиот договор во Европскиот парламент на одобрување. Европскиот парламент ќе заседава неделава во Стразбур.

„Очекуваме до крајот на неделата нештата да бидат појасни, и се надеваме дека ќе знаеме како нештата ќе се одвиваат во Лондон“, кажа за Ројтерс висок дипломат на ЕУ.

Друг функционер додаде дека состанокот бил многу краток. „Немаше прашања, ниту дискусија. Чекавме“.

Иако исцрпени од мачниот процес на брегзитот, лидерите на ЕУ сакаат да избегнат хаотичен брегзит без договор и најверојтно ќе го прифатат барањето за одложување.

Меѓутоа, тие се надеваат дека Џонсоновиот договор на крајот ќе биде прифатен во Лондон.

Откако парламентот во саботата одби да го прифати договорот на Џонсон, премиерот во согласност со законот испрати писмо до Брисел во кое побара одложување. Џонсон, кој инсистира Британија во секој случај да го напушти блокот на 31 октомври, не го потпиша писмото, а испрати и дополнително писмо во кое наведе дека тој лично не сака одложување.

Еден висок функционер, меѓутоа, за Ројтерс вели: „Како и да гледате на тоа, тоа е барање за одложување. Политичката топка сега е во дворот на Вестминстер. Кога станува збор за писмата, тоа зависи од Доналд Туск“, кажа тој и додаде: „Ајде да видиме како ќе се одвиваат нештата во следните денови“.

ЕУ веќе двапати се согласи на одложување на брегзитот во однос на првичниот рок кој беше на 29 март годинава.

Новото одложување е предвидено до јануари 2020, меѓутоа Ројтерс наведува дека ЕУ би можела да одобри техничко одложување од само еден месец до крајот на ноември за Британија да биде под притисок да го одобри Џонсоновиот договор.

„Добро и уредно решение е и понатаму можно доколку Борис Џонсон сега го убеди парламентот да ги надмине партиските поделби. Продолжувањето на борбата за власт во Британија ќе ги загрози напредокот и работните места“, изјави вчера за Билд германскиот министер за економија Петер Алтмајер.

„Доколку е потребно одложување од неколку недели, јас со тоа не би имал проблем“, истакна тој.

Британската влада вчера соопшти дека ќе продолжи со плановите во парламентот  да го протурка договорот за брегзит, а шефот на дипломатијата Доминик Раб кажа дека е уверен дека Бртанија ќе ја напушти ЕУ на 31 октомври бидејќи договорот на Џонсон со Унијата има поддршка од доволен број пратеници.

„И покрај опструкциите во парламентот, изгледа имаме доволен број пратеници да го протуркаме ова“, кажа тој за Би-би-си. Истакна дека многумина во ЕУ не сакаат ново одложување и ги повика пратениците да го поддржат договорот.

Владата, како што наведува Би-би-си, денес ќе побара ново гласање претставувајќи им го на пратениците изборот да го поддржат или одбијат договорот. Меѓутоа, на крајот сѐ зависи од претседателот на Долниот дом Џон Беркоу и неговата одлука дали ќе дозволи гласање.

Бидејќи знаеме да се перчиме со секој што потекнал од нашиве простори, дури и до илјадито колено наназад (од Аминта III до Симона Халеп), јас ќе ја искористам приликава за да се погордеам со македонските гени на еден извонреден музичар: Васил Хаџиманов.

повеќе

Коста Абрашевиќ, Гоце Делчев... и десетици илјади современици кои потпишале дека „по род се...", за да можат да патуваат и да работат во ЕУ државите.

повеќе

Наместо ефтини штосови на прес конференциите на СДСМ, ВМРО и ДУИ, на кои во несвест паѓаат само  партиските послушници, нивните лидери треба да одговорат на конкретни прашања.

повеќе