Ново драматично предупредување од ОН: На човештвото му се заканува изумирање

Сѐ посложени и позачестени ризици, од глобалното затоплување до загадувањето и епидемиите, му се закануваат на опстанокот на човештвото доколку не се спречи нивна ескалација, предупредија денес Обединетите нации.

Во двегодишниот извештај за тоа како светот се носи со катастрофите, ОН предупредува дека поради новите ризици кои не сме ги предвиделе минатото не може да биде водилка за иднината. Особено како „нови ризици“ за човечките животи и имотот се наведуваат загадувањето на воздухот, болестите, земјотресите, сушите и климатските промени.

Извештајот предупредува и на сѐ поголемот потенцијал на еден вид катастрофа во предизвикувањето или влошувањето на некоја друга непогода, како обилните дождови кои по шумските пожари предизвикуваат одрони на земјиштето.

„Доколку продолжиме да живееме на ист начин и продолжиме да се однесуваме едни кон други и кон нашата планета како до сега, тогаш нашиот опстанок се доведува во прашање“, изјави Мами Мизутори, специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН на состанокот во Женева посветен на намалување на ризикот од катастрофи.

Екстремните временски појави во последните 20 години двојно се зголемиле, а според извештајот, нанесуваат толку голема економска штета што развојните цели на ОН во сиромашните земји се речиси недостижни.

ОН пред десет дена објави и нацрт на нов извештај кој покажува дека човечките активности во многу скора иднина би можеле да предизвикаат изумирање на околу милион видови.

Како најважни причини на уништувањето кое ѝ се заканува на нашата планета се наведуваат човечките потреби за енергија и храна, односно прекумерната конзумација на ресурсите, дивото ловење, сечењето на шумите и емисиите на гасови од фосилни горива. Четврт од сите познати видови билки и животни се веќе загрозени, а размерите на нивното исчезнување се десетици или стотиви пати побрзи од просекот во последните 10 милиони години.

Според нацрт извештајот базиран врз 15.000 академски трудови и истражувања, околу 75 отсто од копното, околу 50 отсто од реките и езерата и околу 40 отсто од сите мориња и окени веќе покажуваат сериозни знаци на пропаѓање предизвикано од човечките активности.

Кратката верзија на документот од 40 страници со заклучоците која беше објавена пред десет дена за потребите на информирање на политичарите е веројатно досега најсериозното предупредување за заканата која луѓето ја претставуваат за оваа планета.

Се истакнува дека бројот на жители во светот од 1970-тите до денес се удвоил, глобалната економија се зголемила за четири пати, а меѓународната трговија за десет. За луѓето да се нахранат, облечат и снабдат со енергија, шумите се расчистуваат со брзина без преседан во историјата. Од 1980 до 2000 исчезнале околу 100 милиони хектари шуми, главно за одгледување стока во Јужна Америка и за плантажи на палмино масло во југоисточна Азија. Со уште поголема брзина исчезнуваат мочуриштата. Од сите кои постоеле во 18 век, до денес останале само 13 отсто. Само во 20 и 21 век исчезнале 54 отсто.

Урбанизираните области двојно се зголемиле од 1992. Квалитетот на тлото забрзано опаѓа па сега продуктивноста на тлото на Земјата глобално паднала за 23 отсто. Загадувањето со пластика од 1980 година се зголемило десет пати. Секоја година во светските води се исфрлаат меѓу 300 и 400 милиони тони токсични материи како тешки метали, хемикалии и отровни смеси.

Извештајот претставува бројни проекции кои го предвидуваат темпото на влошување на ситуацијата – невидениот раст на конзумацијата, популацијата и технологијата веројатно тројно ќе се зголеми во 21 век, најголемиот дел од пропаѓањето на живеалиштата ќе се случи во Централна и Јужна Америка, субсахарска Африка и Азија, пропаѓањето на земјиштето и климатските промени до 2050 ќе предизвикаат миграции на меѓу 50 и 700 милиони луѓе, поради годишното намалување на производството на насадите за 10 отсто глобално, а во некои делови и до 50 отсто, а биодиверзитетот до 2050 година ќе се намали од 38 до 46 отсто.

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе