Француската лекарска академија во петокот објави упатства во кои се вели дека луѓето треба да „избегнуваат разговор или телефонски повици“ во метроата, автобусите или на кое било друго место во јавноста каде што не е можно социјално дистанцирање.
Маските се задолжителни од мај, па сепак, патниците често ги симнуваат за да разговараат на телефон.
Други француски експерти бараат подраматични мерки - особено трет карантин.
Француските болници сега имаат повеќе пациенти со ковид отколку во октомври, кога претседателот Емануел Макрон воведе втор карантин. Пациентите заразени со коронавирусот зафаќаат повеќе од половина од креветите за интензивна нега во земјата.
Бројот на заразени со коронавирусот во Франција овој месец постепено расте, и тоа со повеќе од 20.000 на ден. Франција во моментов има најдолг полициски час во Европа, од 18 до 6 часот наутро, а рестораните и туристичките места се затворени од октомври.
Досега, владата настојуваше да избегне целосен нов карантин.