Полицијата во 3:30 часот наутро по локално време била повикана во продавница во Јакима каде три лица биле најдени мртви, соопшти шефот на локалната полиција Мет Мареј. Две жртви биле застрелани во дуќанот, додека третата била застрелана надвор. Полицијата нападот го опиша како чин на насилство со непознат мотив.
„Изгледа дека ова е сосема случајна ситуација. немало очигледен конфликт меѓу страните“, кажа Мареј. „Мажот само влегол и почнал да пука. Откако завршил со пукањето во дуќанот, напаѓачот ја претрчал улицата и пукал во возило. Украл автомобил и избегал“.
Состојбата на возачот во чие возило пукал напаѓачот не е позната. Полицијата спроведува истрага, ги собрала снимките од безбедносните камери и изјави на сведоците. На социјалните мрежи е објавена фотографија од маж облечен во црна блуза, капа, со фармерки и бели патики.
Јакима е град со околу 97.000 жители во долината Јамика во сојузната држава Вашингтон, земјоделски регион познат по јаболката и виното.
САД оваа недела ги тресат трагични вести за последователни масовни пукања во Калифорнија, во кои досега загинаа вкупно 18 жртви.
Само два дена откако вооружен напаѓач уби 11 лица во студио за танц во Лос Анџелес, уште седум луѓе беа убиени во Сан Франциско, што не се памти со децении. Властите сè уште не ги утврдиле мотивите за нападите. Нападите ги извршиле мажи на возраст за пензија, многу постари од типичните извршители на масовни оружени напади кои во Соединетите Американски држави станаа речиси вообичаени.
Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом на Твитер напиша: „Трагедија по трагедија“.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави денес дека е запознаен со настаните и дека на својата администрација ѝ наложил да обезбеди локалните власти да добијат поддршка од сојузната влада.
„Додека чекаме понатамошни детали за тие убиства, знаеме дека проблемот со оруженото насилство низ Америка бара засилено дејствување“, кажа тој повикувајќи го Конгресот повторно да воведе сојузна забрана на јуришно оружје.