Штабот на седницата во средата беше поделен меѓу потребите на економијата и обврските кон јавното здравство и одлука немаше, но беше најавено дека дополнителни мерки ќе бидат неопходни.
Здравствениот дел на кризниот штаб смета дека треба да се „пресече“ и пет дена да се затворат сите угостителски локали, додека градските власти во Белград, кој и понатаму е центарот на заразата со повеќе од 1.000 случаи дневно, инсистираат дека тоа ви поттикнало економски, па и социјални проблеми со приходите и бројот на вработени.
Градот Белград е против скратувањето на работното време бидејќи не гледа ни медицински ни економски причини за донесување таква одлука, изјави денес заменик градоначалникот на српската престолнина Горан Весиќ, оценувајќи дека „суштината не е во тоа колку ќе биде работното време туку колку рестораните ги почитуваат епидемиолошките мерки“.
Наглиот скок на бројот на заразени во последните денови се доведува во врска со враќањето на илјадници луѓе од скијање од зимските центри на Копаоник и Златибор, каде кафулињата и рестораните без контрола работат до доцна во ноќта, со многу повеќе гости по вкупната површина на локалите отколку што е дозволено со важечките мерки.
Според денешните податоци, во последните 24 часа коронавирусот во Србија однел уште 15 животи, а меѓу 15.074 тестирани примероци се потврдени 3.588 нови заразени, објави српското министерство за здравство.
Во болниците има 3.832 пациенти заболени од ковид-19, од кои 153 на респиратори.
Србија досега вакцинирала над 1,2 милиони луѓе, од кои 400.000 добиле и втора доза од вакцините.