Нов предлог на ЕУ: Државите кои не сакаат да примат емигранти ќе мора да платат

Владите на членките на Европската Унија кои одбиваат да примат емигранти би можеле наместо тоа да платат за да бидат изземени од системот на поделба на емигрантите меѓу членките на блокот, предложија Франција и Германија обидувајќи се да ги решат жестоките несогласувања околу емиграцијата.

Таквата мерка ќе го забрза напредокот на реформите на правилата на ЕУ за добивање азил пред изборите за Европскиот парламент во мај, соопштија европски дипломати.

Целта на мерката е да ги намали разликите меѓу државите во централна Европа кои се плашат дека таквите промени би можеле да поттикнат пристигнување на уште поголем број емигранти, и оние како Италија, преку која огромен број азиланти стигнале во Европа и која, според сегашните правила, е одговорна за нивно сместување.

Според документот кој кружи меѓу министрите за внатрешни работи на земјите на ЕУ во Брисел, а на увид го добила агенцијата Ројтерс, земјите во кои емигрантите првично влегле би биле одговорни околу 8 години, помалку од 10 години колку што предлагаше Берлин. Германија ги прими најголемиот број луѓе кои први стигнаа во Европа преку Грција и Италија.

И како друга отстапка за Рим, би требало да постои посебно правило за луѓето кои пристигнале откако биле собрани на море – италијанската популистичка влада одбива да дозволи бродовите со емигранти да влезат во нивните пристаништа за да не мора да ги згрижува.

Владите и понатаму би имале обврска да прифаќаат баратели на азил од други земји на ЕУ, но би се правел исклучок доколку земјите преземат „алтернативни мерки на солидарност“.

Тоа значи дека тие земји би уплаќале во буџетот на ЕУ или би платиле за развојни проекти во Африка, сметаат дипломатите со што би се ставил крај на поделбите меѓу државите на ЕУ како Германија, која е спремна да прифати емигранти, и источноевропските земји како Унгарија, која одбива да гарантира азил.

Во документот се наведува дека ЕУ би требало да има соодветен механизам за да се избегнат ситуации во кои сите влади на ЕУ би избрале да платат за да се извлечат од одговорноста и дека би требало да се постави осумгодишен период за каков било ангажман.

Германија, Франција и Холандија претходно бараа солидарност од сите земји членки на ЕУ, но сега се поотворени кон можноста другите земји парично да се исклучат од шемата за распределба на емигрантите, која првично ја постави Европската комисија во низата предлози во 2015.

Веројатно и за овој политички договор ќе биде потребно време, сметаат дипломатите, особено поради тоа што унгарскиот премиер Виктор Орбан и евроскептичната италијанска влада својот политички имиџ го изградија врз антиемиграциската политика.

Миграција со достоинство (#WithDignity) е темата на Меѓународниот ден на мигрантите 2018 година, кој го одбележуваме во вторник (18 декември).

повеќе

Без оглед на фактот што од постоењето на уметноста постои и теорија и приказна за тоа, уметничкиот процес останува крајно неразбирлив.

повеќе

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе