Се бара причината

Нотр Дам целосно изгасен, пожарот достигнал температура од 800 степени (ФОТО+ВИДЕО)

Архитектите се состануваат за да ја проценат штетата додека обвинителот во Париз отвори истрага за причината за пожарот.

 

Пожарот во Нотрдамската катедрала во Париз е целосно изгаснат, рекоа пожарникарите, а експерти и архитекти се состануваат за да ја проценат штетата и да утврдат дали историскиот споменик е стабилен.

Иследниците, исто така, сакаат да ја испитаат зградата за да ја утврдат причината за катастрофалниот пожар. Обвинителот во Париз отвори истрага за „случајно уништување од пожар“.

Полицајците ги испитуваат тимовите градежни работници што вршеле реновирање на катедралата кога избувнал пожарот.

Лорен Нуњез, министер за внатрешни работи, рече дека непосредната опасност е под контрола, но не е познато до кој степен пожарот ја ослабнал структурата на готското здание.

„Задачата во текот на ноќта беше да се доведе огнот под контрола, за да не букне повторно“, рече Нуњез. „Задачата сега кога е надминат ризикот од пожар е градењето, како структурата ќе опстои“.

Тој додаде дека дел од камениот своден таван се урнал, но главната структура преживеала. За 400-те пожарникари што се бореа со пламенот што го голташе покривот на катедралата, составен од стотици дабови греди, кои датираат од 13 век и се долги до 110 метри, познати како „Ле Форт“ (шумата), приоритет беше спречувањето разгорениот пожар, поттикнат од ветерот, да стигне до двете готски кули, или камбаните, на западната фасада.

Освен штетата од топлината, за која пожарникарите велат дека достигнала повеќе од 800 Целзиусови степени, експертите треба да ја проценат и штетата од огромните количества вода што пожарникарите ја истурија во катедралата.

„Утрово се одржува состанок на експерти и национални архитекти за да се разгледа дали зградата е стабилна и дали противпожарните службеници можат да се сместат внатре за да продолжат со работа“, додаде министерот.

Пожарот избувна околу 18.45 часот во понеделникот вечерта во покривниот простор на Нотр Дам, кој беше опкружен со скелиња. Пламенот брзо се прошири до 93-метарската шпицеста кула, која потоа пламна и се урна низ покривот. На пожарникарите им требаа повеќе од четири часа за да го доведат пожарот под контрола и да го спречат ширењето кон главните кули.

пожарникарите спасиле голем број од богатствата внатре во катедралата, која привлекува околу 14 милиони посетители годишно, меѓу што и религиозните реликвии и помалите уметнички дела. Имаше конфликтни информации за судбината на витражните розетни прозорци од 13 век и славните оргули на катедралата.

Монсињор Мишел Опети, архиепископот на Париз, рече дека „целиот свет ја сака оваа извонредна катедрала“.

„Кога стигнавме вчера вечер, ни се плачеше, а луѓето плачеа околу нас“, рече тој. „Нотр Дам е симбол, повеќе од симбол, тоа е душата на Франција“.

„Нотр Дам во Париз на островот Сите, во центарот на Париз, е набиена со историја, со настани низ вековите. Ги привлекува луѓето, доаѓаат да ја гледаат и го почитуваат местото и доаѓаат да се молат“, изјави тој за БФМ ТВ.

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе