Москва ги негира тврдењата

Њујорк тајмс: Русите ги плаќаат талибанците за убиствата на западните војници

Американските разузнавачки служби тврдат дека руската војска им нудела парични награди на талибанците во Авганистан за убиствата на американски и други коалициски војници, извести синоќа Њујорк тајмс, но Русија и талибанците денес категорично одвоено ги демантираа тие информации.

EPA-EFE

Според изјавите на анонимни функционери кои ги пренесува американскиот весник, руската воена разузнавачка агенција (ГРУ) тајно им давала пари на исламистичките милитанти и криминалците „блиски на талибанците“ за да ги убиваат американските и војниците на НАТО во Авганистан.

Њујорк тајмс пишува дека американскиот претседател Доналд Трамп бил информиран за наводните руски парични награди, како и британската влада, чии војници исто така биле мета на нападите.

Не е познато кој случај од 20 Американци убиени во борбите во 2019 е под сомнеж, јавува весникот.

Белата куќа, ЦИА и кабинетот на директорот на Националната разузнавачка агенција за Ројтерс не сакале да го коментираат извештајот на Њујорк тајмс.

Русија и талибанците денес одвоено ја демантираа информацијата на њујоршкиот бесник кој пишува, повикувајќи се на американски разузнавачки извори, дека Москва им нудела парична награда на авганистанските бунтовници за да ги убиваат западните војници во Авганистан.

„Ова примитивно информациско ѓубре јасно ги покажува ниските интелектуални способности на пропагандистите во американската разузнавачка служба“, пишува во изјавата на руското министерство за надворешни работи.

„Овие неосновани и анонимни обвинувања дека Москва стои зад убиствата на американски војници во Авганистан веќе доведоа до тоа директно да бидат загрозени животите на вработените во руските амбасади во Вашингтон и во Лондон“, објави на Твитер руската амбасада во САД.

Во друга порала амбасадата бара од Њујорк тајмс да „престане да шири лажни информации“ и бара од американските власти да „преземат ефикасни мерки“ за заштита на персоналот.

И талибанците, кои се борат против авганистанската влада и против странските војници откако во 2001 ги симна од власт меѓународната коалиција на чело со САД, решително ги негираа тврдењата.

„Светата војна која Исламскиот Емират (како што се нарекуваше Авганистан за време на талибанскиот режим од 1996 до 2001) ја води веќе 19 години, нема никаква врска со која било разузнавачка служба или со странска земја“, се истакнува во соопштението објавено во Кабул.

Авганистанските милитанти ги негираат и претходните обвинувања на Американците дека Русите ги снабдуваат со оружје.

„Исламскиот Емират ги користи оружјето, објектите и средствата кои веќе беа во Авганистан или беа воен плен грабнат од непријателот во борба“, истакнува групата и потсетува дека експлозивни направи од домашна изработка се одговорни за повеќе американски жртви во Авганистан.

Талибанците истакнуваат дека и понатаму го почитуваат договорот потпишан на 29 февруари во Доха со Вашингтон кој предвидува прекин на нападите врз странските војници, а за возврат странските сили постепено ќе се повлечат од Авганистан до пролетта 2021.

Талибанците главно престанаа да ги напаѓаат странските војници, но ги продолжуваат своите акции против авганистанските безбедносни сили на кои Американците им помагаат.

Иако талибанското движење е официјално забрането во Русија, Москва во 2019 година беше домаќин на преговорите за воспоставување мир во Авганистан, со учество на нивни претставници.

Москва, загрижена поради состојбата во Авганистан поради близината на конфликтот со нејзината сфера на влијание во централна Азија, секогаш ги негира обвинувањата на Вашингтон дека им помага на талибанците.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе