Нетанјаху вети брза анексија на делови од Западниот Брег, доколку победи

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави брза анексија на делови од Западниот Брег, доколку победи на утрешните парламентарни избори.

Изборите се клучни за неговиот политички опстанок.

„Ќе се работи само за неколку недели, најмногу два месеци, се надевам“, рече Нетанјаху во интервју за јавното радио, истакнувајќи дека анексијата на долината Јордан од населбите во Западниот Брег е негов приоритет.

Утрешните избори се трети за помалку од една година во Израел.

После два круга на избори во април и септември, немаше јасен победник и нова влада не беше формирана.

Пред изборите во септември, Нетанјаху вети моментална анексија на стратешката долина Јордан, која чини 30 проценти од окупираниот Западен Брег ако победи.

Во меѓувреме, беше претставен долгоочекуваниот американски мировен план за Блискиот исток, кој предвидува анексија на долината и сите еврејски населби на окупираниот Западен Брег, спротивно на меѓународното право.

Планот беше целосно отфрлен од Палестинците.

Нетанјаху, исто така, денес потврди дека израелско-американскиот комитет задолжен за изработка на мапи на палестинските територии што Израел сака да ги анектира, започна со работа минатата недела.

Повеќе од 450.000 луѓе живеат во еврејските населби во окупираниот Западен Брег.

Бројот на жители во населбите се зголеми за скоро 50 проценти во последната деценија откако Нетанјаху е непрекинато премиер.

Во последните недели пред изборите, за кои се очекува да бидат тесна трка, зачестија најавите за изградба на нови станови во населбите во Западниот Брег, но и во анектираниот источен Ерусалим.

Според американскиот план, се предвидува Ерусалим да биде неподелена престолнина на Израел, иако Палестинците сакаат источниот дел од тој град да биде главен град на нивната идна независна држава.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе