Нетанјаху: Истрагата на воени злосторства на палестинските територии е антисемитска

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кажа дека одлуката на Меѓународниот кривичен суд (ИЦЦ) за отворање истрага за воени злосторства на палестинските територии е антисемитска.

EPA-EFE

„Соочени со антисемитската одлука на ИЦЦ во Хаг, има само еден одговор: ќе се бориме за вистината со сета сила, во цел свет, и ќе ги заштитиме нашите војници“, напиша Нетанјаху на Твитер.

Обвинителството на Меѓународниот кривичен суд објави вчера дека ќе отвори формална истрага за воените злосторства на палестинските територии кои ќе ги опфатат двете страни во конфликтот.

Шефот на израелската дипломатија претходно ја отфрли одлуката на ИЦЦ за спроведување истрага нарекувајќи ја „морално и правно неважечка“.

„Одлуката за отворање истрага против Израел е исклучок од мандатот на судот и трошење ресурси на меѓународната заедница кое го спроведува пристрасна институција која го изгуби легитимитетот“, кажа министерот Габи Ашкенази.

Палестинските власти ја поздравија одлуката на ИЦЦ.

„Ова е долгоочекуван чекор кој оди во прилог на неуморната палестинска борба за правда и одговорност, што се неопходните столбови на мирот кој палестинскиот народ го бара и заслужува“, соопшти палестинското министерство за надворешни работи.

И исламистичката група Хамас ја поздрави одлуката на обвинителството на ИЦЦ и застана во одбрана на своите акции нарекувајќи ги „легитимен отпор“.

Одлуката е донесена откако ИЦЦ на 5 февруари одлучи дека е надлежен за тој случај, што Вашингтон и Тел Авив го отфрлија, додека палестинската управа го поздрави.

Следниот чекор ќе биде да се утврди дали Израел и палестинските власти водат свои истраги и да ги анализираат.

„Одлуката да се отвори истрага следи по макотрпната прелиминарна истрага која ја спроведе мојата канцеларија, која траеше речиси пет години“, соопшти обвинителката во заминување Фату Бенсуда.

„Сепак, нашата главна грижа треба да бидат жртвите на злосторствата, и палестинските и израелските, од долгиот циклус насилства и небезбедност кој предизвика длабока мака и очај на сите страни“, истакна таа. „Мојата канцеларија ќе го заземе истиот принципиелен, објективен пристап како во сите ситуации за кои е надлежен.

Бенсуда, која на функцијата ќе ја замени британскиот обвинител Карим Кан на 16 јуни, кажа во декември 2019 дека „на Западниот брег, вклучувајќи го источен Ерусалим, и во Појасот Газа се извршени или се вршат воени злосторства“.

Таа ги именуваше и израелските безбедносни сили и оружените палестински групи како Хамас како можни извршители.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“.

повеќе

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе