Нетанјаху го обвини Иран за нападот на израелскиот брод: „Ќе удриме по целиот регион“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го обвини денес Иран дека стои зад минатонеделната експлозија на израелскиот брод во Оманскиот Залив и вети одговор против иранските интереси „во целиот регион".

Фото: ЕПА

„Тоа навистина беше иранска операција. Тоа е јасно“, изјави Нетанјаху за радиото Кан.

На прашањето дали Израел ќе одговори, тој ги повтори претходните изјави за одлучноста да го спречи Иран да развива нуклеарно оружје, додавајќи: „Што се однесува до мојот одговор, ја познавате мојата политика. Иран е најголемиот непријател на Израел и решен сум да го запрам и ќе удриме по него низ целиот регион“.

Техеран не го коментираше инцидентот ниту одговори на претходните израелски тврдења дека би можел да биде вмешан.

Израелскиот брод МВ Хелиос Реј се наоѓал на релација помеѓу саудиски Дамам и Сингапур, а експлозијата се случи крај брегот на султанатот Оман, објави компанијата Дриад Глобал задолжена за поморска безбедност.

Оманскиот Залив се наоѓа помеѓу Иран и Оман, на излезот од стратешкиот Ормуски теснец, низ кој поминува добар дел од светската нафта и во кој делува коалицијата предводена од САД.

Нетанјаху во моментов води кампања за изборите на 23 март.

Радиото го емитуваше интервјуто по синоќешните напади кои му се припишуваат на Израел, а биле извршени против проиранските елементи во соседна Сирија.

Бидејќи интервјуто било снимено порано, овие напади не се коментирани.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА