Премиерот на Израел вети дека ќе ги анектира населбите во Западниот Брег, вклучително и една длабоко во срцето на најголемиот палестински град, доколку биде реизбран на утрешните повторени избори.
Бенјамин Нетанјаху за Радиото на израелската армија денеска изјави дека планира да ги анектира „сите населби“ на Западниот Брег. На прашањето дали тоа ја вклучува енклавата на неколку стотици доселеници што живеат во немирниот Хеброн, тој рече: „Секако“.
Нетанјаху на избориве се бори за својот политички опстанок. Тој ги повторува тврдокорните ветувања неколку недели пред гласањето, обидувајќи се да ги привлече националистичките гласачи, пренесува АП.
Тој исто така вети дека ќе ја анектира Јорданската долина, област што се смета за житница на Палестинците. Критичарите велат дека неговите ветувања ќе ја елиминираат и последната трошка палестинска надеж за формирање посебна држава.