Навални од затвор: Ако сакаме крај на војната, да ги наполниме затворите и мариците со нас самите

Алексеј Навални, водечки политички противник на Владимир Путин, кој моментално се наоѓа во руски затвор, на Твитер објави осврт на војната во Украина и ситуацијата во Русија.

Фото: ЕПА

Освртот на Навални е објавен на официјалниот Твитер профил на рускиот опозициски лидер. Иако Навални нема пристап до интернет во затворот, се верува дека тоа му го диктирал на својот адвокат.

Зборовите на Алексеј Навални ги пренесуваме во целост.

„Ние - Русија - сакаме да бидеме нација на мирот. За жал, малкумина би нè нарекле така сега. Но, барем да не станеме нација на исплашени, замолчени луѓе. На кукавици кои се преправаат дека не ја забележуваат агресивната војна против Украина започната од нашиот очигледно луд цар“, напиша Навални.

„Не можам, не сакам и нема да молчам и да гледам како псевдоисториски нонсенс за настаните од пред 100 години стануваат изговор за Русите да убиваат Украинци, а тие, бранејќи се, да убиваат Руси", напиша жестокиот противник на Путин.

„Трета деценија на 21 век е и ние гледаме вести за луѓе кои горат во тенкови и бомбардирани куќи. На телевизија гледаме реални закани за започнување нуклеарна војна“, напиша Навални.

„Јас сум од СССР. Таму сум роден. Главната фраза на СССР од моето детство беше „борба за мир“. Ги повикувам сите да излезат на улица и да се борат за мир“, повика опозиционерот.

„Путин не е Русија. И ако сега има нешто во Русија на што може најмногу да се гордеете, тоа се оние 6824 лица кои беа приведени затоа што, без никаков повик, излегоа на улиците носејќи постери на кои пишуваше „Не на војната“.

„Тие велат дека некој што не бил на протест и не ризикува да биде уапсен за тоа не може да повика на протест. Јас сум веќе во затвор, па мислам дека можам. Не можеме повеќе да чекаме. Каде и да си, во Русија, Белорусија или на другата страна на планетата, излези на главниот плоштад во твојот град секој ден и во 14 часот за викенд и празници“, напиша тој.

„Ако си во странство, излези пред руската амбасада. Ако можеш да организираш протест, направи го тоа за време на викендите. Да, првиот ден може да има малку луѓе. А на вториот - уште помалку. Но, мораме, стискајќи ги забите, да го надминеме стравот и да излеземе на улица и да бараме крај на војната. Секој уапсен мора да биде заменет со двајца нови демонстранти“, се вели во освртот на Навални.

„Ако за да ја запреме војната, треба да ги наполниме затворите и мариците со нас самите, тогаш ќе ги наполниме затворите и мариците со нас самите. Сè има своја цена, а сега, во пролетта 2022 година, мора да ја платиме таа цена. Никој нема да го направи тоа наместо нас. Да не „бидеме против војната“. Да се бориме против војната“, заклучи тој.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе