„Гледаме дека во овој момент Русија се обидува да наметне некој вид замрзнување на конфликтот, барем накратко, за да може да се прегрупира и потоа да се обиде да почне уште поголема офанзива следната пролет“, кажа Столтенберг.
Генералниот секретар на западниот воен пакт кажа дека членките на НАТО продолжуваат да ја снабдуваат Украина со оружје и покрај стравувањата од можно исцрпување на залихите на западните земји.
„Испраќањето ново оружје е подеднакво важно како и гаранциите дека системите или оружје кои веќе сме ги испорачале се навистина оперативни и ефикасно работат“, кажа Столтенберг. „Потребно им е значително количество муниција, резервни делови и делови за одржување“.
Линијата на фронтот во Украина се стабилизира откако украинските сили минатиот месец успеаја да постигнат неколку успеси и по повлекувањето на руските сили од градот Херсон и околните области на западниот брег на реката Дњепар. Најжестоки борби во моментов се водат околу градот Бахмут.
САД веруваат дека во претстојните месеци борбите би можеле да продолжат со „намалено темпо“ додека двете страни се обидуваат да ги обноват своите сили.
Столтенберг кажа дека нема „никакви дополнителни информации“ за украинските напади со дронови на воздушни бази во Русија откако Вашингтон кажа дека „ниту дозволиле ниту поттикнувале“ такви напади на Киев.