„Сите одлуки, па и прашањето за нови приеми, се носат исклучиво едногласно, со прифаќање од страна на сите земји членки“, изјави за Косово онлајн претставник на НАТО, околу можноста Косово да биде примено во воениот пакт.
Во последните денови во Приштина сè погласно се зборува за членство во НАТО, а за тоа добија и поддршка од Турција.
Функционерот на НАТО навел дека тие се посветени на мисијата на КФОР на Косово, дека критериумите за членство се „содржани во членот 10 на Вашингтонскиот договор“, а самиот процес на пристапување се одвива низ седум чекори.
Спомнатиот член 10 на Вашингтонскиот договор наведува дека „страните можат да повикаат која било друга европска држава која е во позиција да ги унапреди принципите на овој Договор и да придонесе на безбедноста на северноатлантската област да пристапи на овој Договор“.
Секоја држава која е така повикана може да стане членка на Договорот со тоа што ќе го депонира својот инструмент за пристапување на владата на САД.
Владата на САД ќе ги извести сите страни за депонирањето на секој таков инструмент за пристапување.
„Во случај некоја од државите членки на НАТО и да одлучи да го предложи Косово за нов член, тоа според актуелните правила на оваа организација е невозможно, бидејќи четири земји од Алијансата не го признаваат Косово. Тоа се Словачка, Шпанија, Грција и Романија“, наведе функционерот на НАТО.






