Рускиот „претседател (Владимир) Путин мора да престане да ја користи храната како оружје и мора да ја оконча својата нелегална војна против Украина“, рече портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску.
„Ја повикуваме Русија да ја преиспита својата одлука и итно да го обнови договорот, со што ќе овозможи храната да стигне до оние на кои им е најпотребна.“
Сите сојузници на НАТО го поздравија договорот постигнат со помош на Турција, посочи таа.
„Извозот придонесе за намалување на цените на храната низ светот“, додаде Лунгеску.
Превозот на украинските житарки беше блокиран во неделата во Црно Море и за тој ден не беше потврден превоз на товар.
Русија во саботата објави дека ќе го прекине учеството во договорот откако руски бродови беа нападнати со беспилотни летала во анектираниот Крим.